„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ му се потсмева на Заев

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ си поигрува со тврдењето на лидерот на македонската опозиоција Зоран Заев, дека во држава од два милиони граѓани, биле прислушувани 20 илјади.

Правејќи комична споредба, новинарот за да ја долови состојбата со претерувањето на бројката на Заев, вели дека во тој случај „тајната служба е подобра од Штази под Милке“.

Дел од текстот го преведува и Дојче веле на македонски јазик.

„Доколку се потврдат тврдењата на македонската опозиција, Ерих Милке би можел да биде горд на македонскиот премиер Никола Груевски и на шефот на тајната служба Сашо Мијалков. Затоа што она што го сториле двете најмоќни фигури во балканската држава, која е кандидат за членство во ЕУ, може да се мери само со „остварувањата“ на тајната служба во поранешната ГДР под раководство на Милке: повеќе од 20 илјади граѓани на Македонија во изминатите години наводно биле прислушкувани по наредба на премиерот и на неговиот шпионски шеф, некои од нив и со години. Оваа (недокажана) бројка е дотолку поинтересна ако се има предвид дека Македонија е земја со два милиони граѓани“, пишува ФАЦ, објавувајќи натаму детали и од прес-конференцијата на Заев во понеделникот.

Авторот на текстот, Михаел Мартенс, цитирајќи го Заев, потенцира и дека прислушкувањето не би било можно без соработката од двата водечки мобилни оператори: Т-Мобиле и ВИП, за кои објаснува дека се во сопственост на Дојче Телеком и Телеком Австрија.

„…Видеата кои во меѓувреме беа поставени и на Јутјуб докажуваат дека било прислушкувано, но не и од кого. Европската комисија во меѓувреме сугерира, дека пресумпцијата на невиност треба да важи и за македонската влада“.

Во текстот се додава дека има влошување на демократските стандарди, но сепак се нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ ужива најголема поддршка, дека проектот Скопје 2014 е популарен и дека и во најперфектни изборни процеси, владејачката партија би ги освоила изборите. Лидерот на опозицијата и СДСМ, според германскиот аналитичар, воопшто не се опција.