![katica-janeva_vilma-ruskoska-960x540](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/08/katica-janeva_vilma-ruskoska-960x540.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Поранешната потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, во објава на Фејсбук вели дека последното викенд-интервју на јавната обвинителка Вилма Русковска, налик на проштално, доби наслов „Не можат да ме сменат и да сакаат“ и нуди одговор на прашањето дали очекува да биде сменета, како што „шушка чаршијата“.
– Да не прочитав дека Русковска го изјавила тоа, ќе мислев дека е стар наслов по една изјава на Катица Јанева, која со ист таков тон, откако даде исказ кај Вилма Русковска, повикувајќи се на законот изјави дека, „не можат да ја сменат“- објави на Фејсбук поранешната потпретседателка на СДСМ Фросина Ременски.
Таа додава дека „аналогијата на оваа незаменливост“ ја поттикнала изворно да напише збор-два за промашената суштина на интервјуто во кое Русковска покажува сериозно непознавање на тоа што општеството очекуваше и очекува од обвинителството што го раководи таа. Но, прилично дискутабилно станува и нејзиното разбирање на организираниот криминал, воопшто.
– Поената на овој статус не е „смената на Русковска“, која неминовно ќе се случи. Повеќе од убедена сум дека ќе се случи порано или подоцна, на полош (за неа) начинот од нејзината колешка Јанева – по нејзина заслуга. Полош во смисла на тоа дека ќе го плати цехот на сите „удбашки услуги“ и многуте други правни гревови во низа – пишува Ременски, која најавува неколку продолженија на оваа тема.