FT: Остро намалена довербата во НАТО на јавноста во водечките западни земји

Довербата на јавноста во НАТО, во САД и во другите водечки земји на Западот „остро се намалила“ откако во Белата куќа влезе Доналд Трамп, пренесува во понеделникот весникот Financial Times наведувајќи ги резултатите од истражувањето на јавното мнение спроведено од вашингтонскиот центар за истражување Pew Research Center.

Во периодот од 2017 до 2019 година, бројот на оние кои имаат позитивен став кон НАТО опаднала во просек за 10 процентни поени во САД, Франција и Германија, појаснуваат авторите на истражувањето, во пресрет на годишната Минхенска конференција за безбедност која ќе се одржи од 14-ти до 16-ти февраури. Во моментов 53 отсто од испитаниците во 16 земји членки на Алијансата посочиле дека генерално имаат позиитивен однос кон воено-политичкиот блок. Наспроти нив, 27 отсто од испитаниците имаат негативен став кон НАТО.

Ваквата перцепција во однос на Алијансата, како што се истакнува во написот на весникот, произлегува од јакнењето на изолационизмот во време на американскиот претседател Доналд Трамп под слоганот „Америка над сѐ“ и неговата недоверба во ефикасноста на мултилатералните организации. Трамп го нарече НАТО „застарена организација“ и повеќепати жестоко ги критикуваше европските земји за неуспехот да го забрзаат спроведувањето на своите обврски договорени на самитот во Лондон да издвојуваат 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП) за одбраната до 2024 година, потсетува Financial Times.

Истовремено, просечно 50 отсто од испитаниците во 16-те земји членки се спротиставуваат на спроведувањето на еден од основите принципи на НАТО – членот 5 од Повелбата на организацијата, според кој нападот врз една земја членка се смета за агресија против целиот блок. Ваквите дејствија, во случај на хипотетични напад од страна на Русија биле подржани од само 38 отсто од испитаниците. Таквото размислување особено е изразено во Италија, каде 66 отсто од испитанциите рекле дека нивната земја не треба да употребува воена сила за одбрана на земја којашто е вовлечена во сериозен воен конфликт со Русија. Во Германија вакво мислење имаат 60 отсто, а во Франција 53 отсто од испитаниците.

Мнозинство од испитаниците, во просек околу 60 отсто во 16-те земји членки, се убедени дека токму САД треба да употребат воена сила за да ги заштитат сојузниците во НАТО од Русија, а 29 отсто од испитаниците се залагаат за заедничко дејстување на сите земји членки на Алијансата против хипотетичкиот агресор.

Притоа, во само пет членки на НАТО – Велика Британија, Литванија, Холандија САД и КАнада, половината или повеќе од опфатените со анкетата се изјасниле за примена на сила во таква ситуација.

Кога станува збор за трансатлантските односик, „јавноста во некои западноевропски земји претпочита блиски односи со САД, но во многу други преферираат блиски односи и со САД и со Русија“, се истакнува во извештајот на Pew Research Center. Притоа, се нагласува дека десничарските политички сили, повеќе отколку левицата претпочитаат развивање на односите со САД.