Меѓународните инвеститори во новонастанатите услови со војната во Украина и меѓународните жестоки санкции против Русија, би можеле да загубат околу 170 милијарди американски долари од руските активи, проценува финансискиот магазин Financial Times.
Ваквите средства се во сопственост, според наведеното во написот, на голема група глобални инвеститори, од пензиски фондови до хеџ фондови, како и јавни инвестициски фондови.
Весникот го посочува примерот со американската инвестициска компанија „BlackRock“ којашто претходно купила акциски удел во руската рударска компанија „Полиметал“ во вредност од 12 милиони британски фунти, односно 15,8 милиони долари и ги распоредила меѓу четирите фондови за природни ресурси. Забележува дека вредноста на акциите падна за 70 отсто на затворањето на тргувањето на 25-ти февраури, ден по почетокот на руската воена операција во Украина, бидејќи инвеститорите брзаа да се ослободат од руските активи поради сѐ поизвесното воведување на острите западни санкции против Русија.
Се истакнува дека „BlackRock“ е „дел од големата група глобални инвеститори“ кои до крајот на 2021 година поседувале руски активи во вредност од речиси 170 милијарди долари. Во сегашната ситуација, сопствениците на овие активи и хартии од вредност се соочуваат со „потенцијални големи загуби“, се наведува во текстот.
На 2-ри март цената на хартиите од вредност на руските компании, со коишто се тргувало на Лондонската берза го повтори историски ниските вредности во заднината на санкциите против Русија. Следниот ден Лондонската берза го прекина тргувањето со акциите на 27 компании кои се тесно поврзани со Русија. Меѓу таквите компании е „En+ Group“, којашто поседува контролен удел во „Русал“, „Сбербанк“, „Газпром“, „Лукоил“ и „Полиус“.
Според Кристијан Маџо, шеф на одделот за стратегијата за портфолио на пазаритге во развој во канадската инвестициска банка и давател на финансиски услуги „TD Securities“, „доколку ви останале руски активи, или ги продавате по многу ниска цена, под претпоставка дека тоа е можно и дека навистина можете да најдете купувач“.
„Во спротивен случај, можеби ќе треба целосно да ги отпишете“, додава експертот.
До петокот најмалку 26 компани за менаџирање со активи, вклучително и најголемите американски и европски банки „JP Morgan Chase“, „BlackRock“, „Amundi“, UBS и „BNP Paribas“, ги замрзнаа средствата со значителен ризик во Русија, спречувајќи ги инвеститорите да повлечат повеќе од 4 милијарди евра од нивните комбинирани активи и хартии од вредност.
Се очекува дека нивниот потег ќе го следат и други големи банки инвестициски фондови. Исто така, FT повикувајќи се на податоци од Московската берза и Руската централна банка, наведува дека странските активи во руските акции на крајот од 2021 година изнесувале 86 милијарди долари. Странските инвеститори поседуваат и 20 милијарди долари од суверениот долг на Русија, номинирани во рубљи, и 41 милијарда долари во државни обврзници во рубљи. Истовремено „JP Morgan“ го проценува корпоративниот догл на 21 милијарда долари.
Во моментов, на странските инвеститори на располагање им стојат неколку опции, оценуваат во FT.
„Кусорочно, доколку сакаат да продаваат, ќе мора да го сторат по налудничави цени или да ги стават средствата во фиока и да се надеваат дека ќе се исплатат“, го цитира Financial Times неименуван висок извршен директор на европска компанија за управување со активи.