Водечките земји од Европската унија ја повикуваат Европската комисија да ги прилагоди санкциите воведени против Русија поради нејзината инвазија во Украина, за да не се наруши снабдувањето, во прв ред со храната и земјоделските ѓубрива, пишува во средата Financial Times.
Повикувајќи се на документ во кој имал увид, весникот наведува дека Франција, Германија, Холандија, Шпанија, Белгија и Португалија имале критики и забелешки на моменталните ограничувања. Иако Европската комисија издаде препораки за транспортот на руските житарки и ѓубрива, некои влади и транспортни оператори сметаат дека тие не се доволно сигурни за да им гарантираат правна заштита, пишува FT.
„Сегашната правна ситуација придонесува за критикување на санкциите, коишто фактички ја попречуваат трговијата со храна и ѓубрива“, го цитира весникот документот подготвен од претставници на шесте земји.
Според авторите на меморандумот, понекогаш товарите со храна се задржуваат во европските пристаништа подолго од потребното, бидејќи компаниите стравуваат да влезат во трансакции поврзани со Русија поради долгиот список од досегашните осум кругови санкции. Генерално, според нив, се создала „несакана ситуација“, кога ЕУ ги третира земјоделските договори со Русија построго отколку САД и Велика Британија.
„Тоа ѝ противречи на заедничката политика на Европската унија за сигурност на храната“, го цитира FT споменатиот документ.
Поради тоа, авторите на документот бараат во санкциите да бидат внесени прецизни појаснувања кои ќе ги ослободат од одговорност „средствата или економските ресурси“ неопходни за купување, увоз, извоз или транспорт на земјоделските и прехранбените производи.
Од почетокот на руската инвазија во Украина, Европската унија веќе воведе осум пакети санкции против Москва а во средата Европската комисија го предложи и деветтиот. Но некои земји членки сакаат да го искористат тоа за да бидат внесени амандмани поврзани со храната и вештачкото ѓубриво, пишува Financial Times.