Фудбалската селекција на Македонија со победа над Норвешка ја заврши годината

(ФОТО: ekipa.mk)

Според посакуваното пред натпреварот сениорската фудбалска репрезентација на Македонија со победа од 2:0 над Норвешка во саботата вечлерта на пријателскиот натпревар против Норвешка на стадионот „Филип Втори“ во Скопје ја заокружи 2017 година.

Головите за домаќините ги постигнаа капитенот Горан Пандев во 43 минута, што е негов 31-ви во националниот дрес, и на дебитантот Кире Маркоски во третата минута од судиското продолжување .

Ибнаку, ова е прва победа за Македонија против Норвешка во четвртиот меѓусебен дуел, по претходните едно реми од 0:0 во 2009 година, и два пораза од 1:2 во 2009 и 0:2 во 2013 година.

На почетокот од натпреварот немаше многу возбудувања а првите две можности ги имаа македонските фудбалери, кога прво во 12 минута, Ерџан Алиоски продре по десната страна, шутираше откосо од околу 15 метри но топката за малку заврши над гредата од голот на Норвежаните. Во 16 минута уште подибра шанса имаше Алиоски кој доби топка пред голот на гостите од Пандев, но во пад од само неколку метри шутираше покрај левиот дирек.

По тие две можности за Македонија, веќе во 19 минута Норвешка имаше одлична шанса да дојде до водство, но дирекот го спаси нашиот гол по шутот на Одегард. Во 24 минута и Камара се најде во одлична позиција по нафрлањето од левата страна, но од осум метри пред нашиот гол шутираше непрецизно. Во продолжението Камара имаше уште една шанса со шут од околу дваесетина метри во 34 минута, но над голот на Димитриевски. Потоа следеше 43 минута и прекрасната акција, откако Алиоски со луцидно додавање ја исфрли гостинската одбрана од строј а Пандев сам пред норвешкиот голман по што реализацијата беше неминовност.

Во второто полувреме Македонија почна далеку поактивно на теренот од Норвежаните. Во 56 минута шутот од слободен удар на Енис Барди од околу 25 метри кој голманот на гостите не успеа да го смири па дефанзивците расчистуваа во корнер. Во 74 минута следеше нова можност за идвојување на водството кога по десната страна се проби Стефан Ристовски, одлично пред голот на гостите го проигра нововлезениот Тричковски кој шутираше од неколку метри но Грујтебуст го одбрани неговиот обид.

 

До крајот македонските фудбалери го примирија темпото одржувајќи ја предноста, а во 89 минута Дарко Велковски имаше одлична шанса да запише гол, откако мајсторски шутираше под пречката од околу 16 метри, но гостинскиот голман го извади овој удар исфрлајќи ја топката во корнер.

Сепак, Грујтебуст направи кардинална грешка во 93 минута кога непрецизно исфрли од својот шеснаесетник, топката дојде до дебитантот Кире Маркоски кој со шут од 25 метри прецизно стрелаше во празната мрежа, за прв свој гол во националниот дрес и конечните 2:0.