Фудбалскиот сојуз на Гана ги отпушти сите тренери

Челниците на Ганската фудбалска асоцијација (GFA) ги отпуштија тренерите на сите свои машки и женски репрезентации, меѓу кои и селекторот на сениорската машка екипа Џејмс Квеси Апиа.

Од GFA не ја образложуваат својата одлука, меѓутоа претседателот Курт Окраку, кој беше именуван во октомври, вети „градење нов сојуз“ по обвинувањата за примање мита и корупција изнесени во документарен филм кој го сними еден новинар.

„Фудбалската асоцијација на Гана ги распушти стручните штабови на сите репрезентатции со моментално дејствие. Оваа одлука се однесува на сите машки и женски национални селекции“, се вели во соопштението на GFA.

Квеси Апиа ја презема селекцијата на Гана во април 2017 година, откако израелскиот фудбалски стручњак Аврам Грант ја напушти репрезентацијата по неуспехот на Африканскиот куп на нациите во Габон. За Апиа ова е втор селекторски мандат, откако репрезентацијата на земјата ја водеше од 2012 до 2014 година.

Окраку на чело на сојузот го наследи Квеси Нјантакји кој го водеше од 2015 до јуни 2018 година, кога беше „фатен“ како прима мито. Новинарот на една ганска телевизија го сними поранешниот член на Извршниот одбор на ФИФА како прима мито од 65.000 американски долари. ФИФА веднаш го доживотно го суспендираше, а мораше да плати и казна од 500.000 швајцарски франци.

Министерството за спорт на Гана во 2018 година го распушти фудбалскиот сојуз поради корупцискиот скандал, а минатата година сојузот беше обновен, и за нов претеседател беше избран Окраку.