– Федералната унија на европските националности (ФУЕН), на 66. Конгрес што се одржува во германскиот главен град Берлин, едногласно усвои Резолуција за состојбата на македонското малцинство во Албанија предложена од македонското друштво „Илинден“-Тирана, информираше за МИА, претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.
-За Резолуцијата гласаа сите 150 делегати, претставници на 103 организации од 35 земји во Европа. Целта на усвоениот документ е подобрувањето на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија и зачувување на македонскиот идентитет и култура во регионите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник населени со чисто македонско население, рече Ѓурѓај, кој е еден од учесниците на конгресот.
ФУЕН ја поздравува одлуката на Собранието на Република Албанија „за формирање на специјална парламентарна комисија за административно-територијални реформи во Република Албанија“ и бара од комисијата да го поддржи барањето на Македонците за формирање на посебни општини Голо Брдо и Гора.
-Во Резолуција предложена од нашата страна стои дообјаснување дека во областа Голо Брдо, административните единици Требиште и Острени со претходниот закон се укинати и припоени кон општина Булќиза, додека административната единица Стеблево е кон општината Либражд. Во областа Гора, административните единици, Шиштавец и Запот се дел од општина Кукс. Областите Голо Брдо и Гора се населени со македонско национално малцинство и има посебни карактеристики, а со формирањето на општина Голо Брдо и Гора ќе се заштити етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство на овие простори. Истовремено, ќе се зајакне економијата на жителите и ќе се овозможи развој на областите Голо Брдо и Гора, посочува Ѓурѓај.
Според него, ФУЕН ја повикува Владата на Република Албанија да го почитува Законот за малцинства, донесен на 13 октомври 2017 година и да донесе прописи предвидени со овој закон.
Исто така, го повикува владиниот комесар за заштита од дискриминација да работи на конкретно спроведување на сите одредби од Законот за малцинствата, а Владата да го прогласи 21 мај за Ден на националните малцинства во земјата.
-Овој документ ФУЕН ќе го достави до Владата на Република Албанија, шефот на државата, парламентот, комитетот за национални малцинства, комесарот против дискриминација, амбасади и меѓународни институции, наведува Ѓурѓај.
Македонско друштво „Илинден“-Тирана од 16 мај 2015 година е рамноправен член на ФУЕН, со што стана прво друштво на Македонци надвор од матичната држава во Европа, кое е дел од ова асоцијација и е редовен учесник на Конгресите и другите активности.