ФЗОМ: Зголемена потрошувачката и достапноста на лекови во 2016 година

фзом

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски, кој го презентираше Годишниот извештај за лекови за 2016 година. Достапноста на квалитетни лекови за сите осигуреници во Македонија, посочи, е континуирана заложба на Фондот. Потенцира дека и во 2016 година на осигурениците им овозможиле поголема достапност на лекови и олеснување на начинот на добивање лек на товар на ФЗОМ.

Во 2016 година, нагласи Стефаноски, бројот на лекови на товар на Фондот достигна 1.210 лекови по заштитено име од различни производители односно 427 генерики со фармацевтска дозажна форма и јачина од кои 75 отсто се лекови за кои осигурениците не треба да плаќаат дополнителни средства освен партиципација согласно законските прописи.

Ако споредиме со 2009 година кога беше воведен референтниот систем за лекови заради обезбедување лекови по избор на осигурениците и кога само 20 отсто од овие лекови беа без доплата, во 2016 година имаме речиси четири пати поголем број лекови на рецепт кои се по избор на осигурениците и се без доплата или околу 75 отсто од вкупниот број лекови, што покажува дека Фондот успеал да овозможи и заштеда на личните средства на осигурениците, рече Стефаноски.

На доброто снабдување на осигурениците на Фондот со лекови на рецепт од примарната позитивна листа, посочи, влијаат повеќе фактори, како што се: подобрата распространетост на аптеките и во руралните средини, распределбата на финансиските лимити т.н. квоти за аптеките, овозможувањето на издавање т.н. скапи лекови надвор од квотите, воведувањето компаративна методологија за утврдување референтни цени на лековите од позитивната листа со што многу цени на лекови беа намалени…

Појасни дека од 2008 година до 2016 година повеќе од двојно е зголемен бројот на количините/рецептите за лекови и двојно е зголемен износот за лекови на рецепт на товар на Фондот.

Разликата на сегашната ситуација со таа од пред 10 години е огромна затоа што сега повеќе нема редици во аптеките, нема дефицит на лекови и осигурениците не ги плаќаат приватно лековите по повеќепати повисоки цени, рече Стефаноски.

Лекови на рецепт во 2016 година, истакна, подигнале 1,23 милиони осигуреници или 66,4 отсто од вкупниот број осигуреници. Додаде дека од вкупно 14 групи лекови во 2016 година најголема е потрошувачката на оние за кардиваскуларен систем со 9,6 милиони рецепти, потоа следат за респираторен систем, за нервен систем…

Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека потрошувачката на лекови по региони во 2016 година е зголемена во сите региони – најголема е во скопскиот, а најмала во североисточниот регион.

Потрошувачката по број на реализирани рецепти е најголема во скопскиот регион, со вкупно реализирани 6.920.473 рецепти (околу 31,06 отсто). Потрошувачката на лекови на рецепт по вкупни износи повторно е најголема во Подрачна служба Скопје со вкупно 861.107.753 денари (околу 32,8 отсто). Потоа следи пелагонискиот регион со 2,9 милиони рецепти за кои се исплатени 331,5 милиони денари и на трето место е југозападниот регион со реализирани 2,4 милиони рецепти за кои се исплатени 279,9 милиони денари, истакна Рамадани.

За првите десет најпотрошувани лекови по генерика по износи, Фондот во 2016 година, потенцира Рамадани, издвоил 904,2 милиони денари или 34,4 отсто од вкупните средства за лекови, додека за десетте најпотрошувани лекови по рецепти се реализирани 9,32 милиони рецепти или приближно 42 отсто од вкупниот број реализирани рецепти.

Првите три најпотрошувани лекови по износи се генериките: аtorvastatin – лек за намалување на маснотии во крв кој 109.309 осигуреници го подигнале на рецепт на товар на ФЗОМ, што претставува 5,9 отсто од вкупниот просечен број на осигуреници, тamsulosin – лек за простата, кој бил подигнат на рецепт од аптека од страна на 42.558 осигуреници или 2,3 отсто од вкупниот просечен број осигуреници, salmeterol + fluticasone – лек за респираторен систем, против астма и ХОББ, за 9.513 осигуреници или 0,5 oтсто од осигурениците, рече Рамадани.

Додаде дека според бројот на реализирани рецепти, првите три најпотрошувани генерики се: еnalapril – лек за покачен крвен притисок, кој го подигнале 176.321 осигуреник или 9,5 отсто од осигурениците на ФЗОМ, metformin – лек за дијабет за 91.471 осигуреник или 4,9 oтсто од осигурениците и  diazepam – лек за нервен систем, за 216.024 осигуреници, што претставува 11,7 oтсто од вкупниот просечн број осигуреници на Фондот.