Г.Г. Стефан: Духот на нашата славна Архиепископија му даваше утеха на нашиот народ и го крепеше да опстои

Одбележувањето на илјадагодишниот јубилеј на Охридската архиепископија е настан со кој би се гордеел секој народ и секоја помесна Црква, настан што ја потврдува нашата вековна вистина, настан на кој се потпираат и нашето минато и нашата сегашност и нашата иднина, истака поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архипеископија г.г. Стефан во обраќањето пред присутните во црквата „Света Софија“ во Охрид на Свечената академија што вечерва се одржа по повод одбележувањето на Милениумското постоење на Охридската архиепископија.

Посочи дека Оваа наша Охридска архиепископија е сведок дека вистината секогаш е посилна од невистината, правдата од неправдата и љубовта од омразата. – Па, потенцира, што сѐ не доживеа оваа наша древна Црква од падот на царството и државата, од освојувањата и владеењата и од истоверни и од друговерни, од уривањата и грабежите, од палењата и пустошењата…Но духот на оваа наша славна Архиепископија беше тоа што му даваше утеха на нашиот народ и го крепеше да опстои. Под нејзина закрила ги зачувавме и душата и верата, и од неа црпевме морални и духовни сили. Таа ни беше единствената поткрепа и надеж во ропствата, единствен излез од беспаќата и патоказ кон вечноста.

Осврнувајќи се на актуелните проблеми со кои се соочува МПЦ ахиепископот охридски и македонски истакна дека историјата на Охридската архиепископија одела заедно со историјата на македонскиот народ, дека слободата на Архиепископијата била и слобода за народот, односно како што рече, како што тоа некогаш било, за жал – така е и денес: кој ја признавал Црквата, го признавал и народот и кој ја негирал Црквата, го негирал и нашиот народ и сѐ што е наше македонско.

„Но знаел нашиот народ дека само народ со минато, може да биде народ со иднина! Знаел дека нема вечни владари и трајни империи, туку дека има само народи кои вечно бдеат и ја чуваат својата историја. Ние денес, загледувајќи се во нашето минато, прилика е да се потсетиме и да се помолиме за личностите од минатото и за нивните заслуги и дела, трудејќи се достојно да се вложиме себеси и да ги насочиме своите обврски и задачи кон сегашниве и идните потреби на нашиот народ и Црква. Душеполезно и спасоносно би било да живееме по она евангелското, што било најглавно во мисијата на нашата древна Црква: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Само така ќе им се оддолжиме и ќе покажеме достојна почит кон духовниците и паството, кон сите коишто низ вековите наназад ѝ служеле и нејзе ѝ припаѓале, кон оние коишто некогаш дочекаа славни времиња, кон оние коишто трпеле искушенија, коишто ја доживеале забраната на нејзината дејност, како и кон оние коишто ја бранеле од неправдите и се бореле за нејзино возобновување и, конечно, кон оние коишто во лицето на Македонската православна црква го доживеаја и помогнаа во нејзиното воскресение“, рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.

Претседателот на РМ и покровител на манифестацијата за одбележување на илјадагодишнината од формирањето на Охридската архипепископија, Ѓорѓе Иванов, од своја страна истакна дека славајќи го големиот јубилеј треба да сме свесни на фактот што самата новела на византискиот император Василиј II посветена на славната Охридска Архиепископија ја констатира историската реалност дека во Македонија веќе постоела организирана црква со црковна ерархија, црква која произлегувала од верниците христијани, црква произлена од народот и која постоела заради народот.

„Охридската архиепископија во XI век не била нова садница на македонската почва, туку само една гранка на постарата народна црква на Самоиловата држава. А таа народна црква ја сочинувале учениците на првиот словенски епископ, свети Климент Охридски. Тој најголем ученик на светите Кирил и Методиј го заокружил неколкувековното ширење на христијанството во македонските склавинии. Но, и тоа не е почетокот на црквата во Македонија. И тоа е само една гранка од разгранетото христијанско стебло“, рече меѓу другото Иванов.

Шефот на државата уште посочи дека сите историски збиднувања многу јасно укажуваат на фактот оти Христијанството во Македонија не го донел ниту Василиј, ниту Самоил, ниту Климент и Наум Охридски, ниту Кирил и Методиј, ниту Јустинијан, ниту Еразмо Охридски… Христијанството во Македонија го донел апостолот Павле.

„И сето тоа нѐ враќа на стеблото што ги држи сите гранки, од апостолите во првиот век, па сѐ до нас во XXI век. А тоа стебло, таа вистинска лоза е Исус Христос. И токму поврзаноста и зависноста на гранките од лозата ја објаснува издржливоста, жилавоста и истрајноста на Христовата црква во Македонија до ден денес“, истакна Иванов.

Претседателот Иванов уште потсети дека низ вековите црквата во Македонија се соочувала и со прогони и со просперитет, носела различни имиња, нејзиниот статус бил унапредуван и смалуван, епархиите и биле придодавани и одземани, нејзината диецеза била проширувана и стеснувана, разни владетели ја потврдувале и ја забранувале, опстојувала и во време на императори-пагани, цареви-христијани и султани-муслимани.

„Но, без разлика на сето тоа, таа била и останала плодоносна гранка на вистинската лоза, на Исус Христос. Гранка која низ вековите ја пренесувала надежта за вечност со Бог. И токму поради таа надеж, луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу приврзани кон својата црква. Толку приврзани што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на XI век, византискиот император Василиј II, не се осмелувал да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија“, рече Иванов.

Што се однесува на актулните околности и современието, Иванов рече дека од денот на независноста, Македонската православа црква го преживува сето она низ што минувала и низ што се уште минува Република Македонија, години исполнети со блокади, изолации и непризнавње кои создаваат кризи, кризи што предизвикуваат поделби наместо сплотеност, цинизам наместо добронамерност, сеирџиство наместо солидарност и омраза наместо љубов, губење на умереноста, трпеливоста, чесноста, добрината, човечноста.

„ Во вакви сложени услови Македонската православна црква се соочува со двоен предизвик, првиот да остане верна на изворната христова порака и вториот да биде општествено релевантна…Во услови на девалвација на човековите права и слободи и вроденото човечко достоинство црквата е исправена пред огромна задача. Таа треба да биде гласна совест на општеството и конструктивен критичар на државата. Да биде промотор на социјална правда, квалитетно здравство и воспитание и образование кои се мерило на успешноста на една држава. Црквата треба да биде втемелувач на добрите навики на срцето, да ја брани светоста на бракот и уникатноста на семејството. Во време на морален релативизам, Црквата треба бескомпромисно да опстојува на моралните и етичките апсолути. Во период кога се обезвреднува човекот, Црквата треба да се стави во заштита на непроценливата вредност и неотуѓивото достоинство на секој човек“, заклучи Претседателот Иванов.

Свое обраќање пред присутните гости на академијата имаше и претседателот на Владата Зоран Заев кој посочи дека востоличувањето на Охридската архиепископија не значеше создавање нова црква туку светла точка во историјата на континуитетот на христијанството на овие простори што има корени уште од апостолско време.

„Охридската архиепископија претставувала духовно средиште на христијаните и народите што ја прифатиле оваа верска припадност на целата територија на географска Македонија и била обединувачки, надетнички фактор со оглед на фактот што во тоа време Црквата не била обременета со етнофилетизам и не била омеѓена од државните или од границите на кралствата и империите од таа епоха. И како таква таа опстојувала цели седум века сѐ до 17-ти мај 1767 година кога е укината, а нејзините епархии присоединети кон Цариградската патријаршија“, забележа Заев.

Укажа дека паралелно со развојот на црквата на овие простори се одвива и историскиот процес на формирањето на македонскиот идентитет кој во поголем дел го присвоил Христијанството како верска определба.

„Сите идни премрежија и опстојби на Архиепископијата се премрежја и на народот кој себеси се идентификува како македонски и кој ја започнува својата исконска и егзистенцијална определба да го избори своето место како рамноправен, признаен и прифатен европски народ со автентичен идентите…“, рече меѓу другото премиерот.

Заев нагласи дека денес се чествуваат десет векови поврзаност на македонскиот народ со колевката од која произлезе духовната сувереност на народот собран околу идејата за своја држава за која и се избори. Тој забележа дека никој денес не може да го порекне, отфрли тој посебен однос меѓу Охридската архиепископија и народот во РМ. Однос изграден на длабоки врски и почит со наследството што православните христијански верници го негуваат со Охридската архипеископија, со МПЦ која иако се соочува со бројни искушенија никогаш не посегнала по туѓо, а на својата афтокефалност се повикува како што на неа се повикуваат сите помесни православни цркви денес.

„МПЦ – ОА е жива црква со полн духовен раст. Искрено се надеваме дека многу скоро ќе преовлада христијанската љубов и добрата волја и дека МПЦ ќе стане дел од единството на православната заедница. Повторно ќе се повикаме на вредностите на древната Охридската архипеископија која била духовната обединителка на православните народи и уверени сме дека нејзиниот дух возобновен во МПЦ ќе прерасне во алка на помирување и обединување околу изворните принцпипи на заедништвото на православната црква“, истакна Заев.

Свечената академија беше збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија заедно со хоровите од братствата на манстирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“, под дирегентска управа на маестро Борјан Цанев. На програмата беа преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари. Во рамки на манифестацијата во галеријата на „Света Софија“ беше отворена и изложба на уметнички портети на македонските архиепископи.

Чествувањето на јубилејот продолжува утре со празнична златоуста литургија од 9 часот во „Света Софија“ со која ќе чиноначалствува архиепископот Стефан во сослужение на членовите на Светиот синод на МПЦ. Се очекува на литургијата да присуствуваат и претставници на највисокото државно раководство.