![stefan-sl](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/05/stefan-sl.jpg?resize=696%2C334&ssl=1)
Воскресението Христово е темелот на нашата вера, на нашето служење на Бога, тоа е содржина на христијанскиот карактер, па дури и на културата на секој народ кој со името Христово се именува. Оттаму, нашиот живот, како православни христијани, треба да се напојува и да се храни од верата во Воскресението; порачува поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан во Велигденското послание.
„И таквото секојдневно доживување на тој неповторлив настан не треба да биде само негово едноставно спомнување, како празнување заради празнување, туку треба да биде преживување и сведочење, да биде учество во сеспасителната победа на Животот над смртта, да биде наше постојано духовно обновување. Зашто, во Христа, нашиот живот треба да се преобразува, да се поправа, чекорејќи по патот кон обожувањето. Овој процес треба да го доживуваме и како наше сопствено воскресение, како лична Пасха и како Пасха на идниот век, за која Христос, откако ја изврши Тајната вечера, рече: Нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден, кога ќе пијам нов co вас во царството на Мојот Отец[8]. И само така нашето празнување ќе има вистинска смисла: кога како христијани ќе се трудиме преку личниот подвиг да преминеме од Пасхата на Божјата благодат, а тоа е Воскресението Христово, во вечната Пасха – Царството небесно.
Но, дали ние постојано и секогаш тоа го чувствуваме? Дали нашето срце Му е блиско на Бога, дали е чисто за да Го види Бога[9]? Дали сме познале дека љубовта е суштината на животот во Христа, не само овде, во сегашноста, туку и во вечноста, според пораката на Спасителот дека Тој е во секој наш ближен: Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле. Затоа треба да живееме со покајанието и со молитвата, и низ светотаинскиот живот во Црквата, зашто „со Христа се раѓаме, со Него се распнуваме, со Него се погребуваме и со Него треба да совоскреснеме“, поучува свети Григориј Богослов.
Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Живееме во време со постојани искушенија. Често, и од сите страни на светот, доаѓаат вести за воени судири, за терористички напади, за страдања, за природни катастрофи, за криминални дела, за глад, за тешки болести, за сиромаштија и сл. Како и сиот свет, и ние во овие тешки времиња се соочуваме со здравствени проблеми – со ширењето на заразната болест, која прерасна во сесветско искушение што продре во сите сегменти од живеењето. Всушност, овој проблем повлече неприлики не само по здравјето на луѓето, туку и по безбедноста, економијата, па дури и по одговорноста на секој од нас како поединец во општеството, но и за нас како Црква. Исто така, ова искушение ја стави на испит и нашата вера. Како верен народ и Црква се соочивме можеби со најголемиот предизвик: како да се однесуваме одговорно и како да ја запазиме верата? Многумина меѓу нас постапија по снисходење, следејќи ги примерите од свештената историја на Црквата во ваквите ситуации, како и актуелните чекори на повеќето од Православните Цркви, соработувајќи со оние кои ја понесоа тежината на овој заеднички проблем и во чија одговорност е, и ќе биде – да го запазат општото добро.
Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и спроведување на мерките пропишани од одговорните, и од Црквата и од световната власт, па времето што ни е допуштено да го искористиме за духовно единство во предложеното послушание. Беше и сè уште е потребно, низ разните лишувања кои ни се благословуваат, да се оддадеме на заедничка молитва за целиот свет: и за тие што боледуваат, и за тие што се трудат околу нив, како и за душите на оние коишто починаа од последиците на болеста. Да бараме жртва не од другите, туку од себе, и да не го забораваме советот од Отците: „Побрзај особено да бидеш блиску до оној којшто моли и доброволно притекни му на помош“. Православната вера е живо слово и ниедна вонредна ситуација не може да ја ограничи верата што знае за љубов и послушание, што е утврдена врз надежта во зборовите Христови: Нема да ве оставам сираци. Ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“.
Честитајќи ви го Празникот над празниците, на сите чеда на Мајката Македонска Црква, во Татковината и насекаде по светот − ве поздравуваме со најрадосниот поздрав: ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!, се вели во честитката на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.