Челниците на седумте индустриски најразвиени земји во светот од групата Г7 во петокот на самитот во јапонскиот град Хирошима повторно ја повикаа Русија целосно да ги повлече своите единици од Украина.
„Русија ја започна оваа војна и може да ја заврши оваа војна. Истакнуваме дека праведен мир не може да биде остварен без целосно и безусловно повлекување на руските трупи и воена опрема, и тоа мора да биде вклучено во секој повик за мир“, се наведува во изјавата којашто во петокот ја усвоија челниците на групата Г7.
Со изјавата усвоена во Хирошима, градот во август 1945 година беше жртва на првото и досега единствено во историја користење на нуклеарно оружје од страна на САД, се предупредува Русија дека и самата закана за користење на нуклеарното оружје е неприфатлива.
Челниците на земјите од Г7, исто така, ветиле дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, вклучително и воена поддршка. Во изјавата, меѓутоа, не се зборува за конкретни поединости за поддршката на Украина, како што се повторуваните нејзини барања за напредни западни борбени авиони.
Сепак, челниците велат дека ќе ја осигураат потребната поддршка за Украина во рамките на буџетот за оваа година и почетокот на 2024 година, бидејќи ја обновиле обврската со давање финансиска и воена поддршка на Украина во борбата против Русија.
„Денеска преземаме нови чекори за да обезбедиме неуспех на руската незаконска агресија на суверената држава Украина и за да го поддржиме украинскиот народ во неговата потрага по праведен мир втемелен на почитувањето на меѓународното право“, стои во изјавата.
Лидерите на земјите од групата којашто ја сочинуваат САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Канада, велат и дека „соработуваат“ со други земји за да се запре протокот на стоки и технологии од земјите од Г7 во Русија преку трети земји.