Групата Г7 на водечките развиени економии и нејзините сојузници се откажаа од редовните анализи на лимитот на цената на руската нафта, велат за Reuters информирани извори.
Во декември Г7 по иницијатива на САД заедно со Европската унија и Австралија поставија ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел, заканувајќи им се на превозниците и на осигурителите со санкции доколку сервисираат поскапи руски барели. Во февруари ги ограничија и цените на руските деривати.
Ограничувањето на цената на руското тешко гориво е поставено на 45 долари за барел, а на лесното гориво, како што се бензинот и дизелот, на 100 долари за барел. Механизмот беше предложен од Вашингтон со цел да се ограничат приходите на Москва за финансирање на војната во Украина, но и да се спречат нарушувања на пазарот поради ембаргото на ЕУ за руската нафта.
Земјите од ЕУ требаше редовно да го анализираат лимитот, во интервали од два месеца, а Г7, доколку е потребно, за евентуално да го сменат износот и да ја проверат неговата примена.
Руските производители, од друга страна, најдоа начини да продаваат нафта по повисоки цени, купувајќи осигурување и транспортни услуги од компании од други делови на светот, што му отежна на Западот да ја спроведе границата. Покрај тоа, и западните компании ја купуваа руската преработена надовор од Русија нафта и ја пласираа на глобалниот пазар по повисоки цени.
Г7 не го променија моделот од март, а четири извори запознаени со политиката на групата изјавиле дека нема планови за промена на механизмот во блиска иднина.
„Во јуни или јули се зборуваше дека треба да се направи анализа или барем да се разговара за анализа, но формално ништо не се случи“, вели еден дипломатски извор.
Некои земји од ЕУ ја бараа анализата, но САД и членките на Г7 не покажаа голем интерес за промени, велат изворите.
Цените на нафтата на лондонскиот пазар оваа недела достигнаа 90 долари, што значи дека „црното злато“, вклучувајќи го и рускиот брент Urals, поскапе во светски рамки.
Руското Министерство за финансии објави дека во август барелот од брендот нафта Urals во просек чинел 74 долари. Во првите шест месеци од оваа година чинеше во просек 56 долари.
Русија беше принудена да го намали извозот на нафта и производи веднаш по воведувањето на ценовната граница, бидејќи тешко се наоѓаа доволно бродови за транспорт. Меѓутоа, со текот на времето, тие најдоа превозници кои не бараат полиси од западните осигурителни компании.
Во анализата на Reuters се пресметува дека од март до јуни најмалку 40 посредници биле вклучени во извозот на најмалку половина од извозот на нафта и деривати на Русија, вклучително и компании кои никогаш претходно воопшто не се занимавале со овој бизнис. Руската нафта главно се транспортира со танкери чии сопственици не можат прецизно да се утврдат, но во транспортот учествуваат и бродови од Западот, изјавил извор од индустријата.
Официјален претставник на американското Министерство за финансии изјави оваа недела дека ограничувањето на цените сè уште е на сила бидејќи помогнало да се намалат руските приходи. Групата ќе продолжи да биде подготвена за брза реакција, но не се планира промена на лимитот во блиска иднина, нагласил тој.