Гајзер: Има уште докази и сведоци против актуелниот премиер Заев

По објавените видео и аудио материјали во италијанскиот весник „Ла Верита“, Словенецот Ларис Гајзер, тврди дека има уште докази и сведоци против премиерот Зоран Заев.

Во еден разговор Јовановски (Боки 13 – н.з.) го спомнува името на премиерот Зоран Заев, уверувајќи го Камчев дека тој наскоро ќе разговара со него, како и дека Заев сигурно нема да прави проблеми. Има уште докази и сведоци против актуелниот премиер и уште минатата седмица требаше нивните сведоштва и да ги објавам, но тие се откажаа во последен миг, бидејќи се плашат за својата безбедност. Жал ми е што засега се откажаа, но истовремено и ги разбирам, бидејќи ситуацијата не е ни малку едноставна, вели Гајзер за хрватскиот магазин „Национал“, вели Гајзер.

Геополитичкиот експерт и публицист го појасни кажаното во интервјуто за словенечкиот портал „Домовина“ дека видео и аудио снимките ги добил од „доверлив извор во Македонија“, прецизирајќи дека станува збор за „загрижени службеници во македонската администрација“.

Според Гајзер, Заев е проект на Федерика Могерини.

Прво, би сакал да нагласам дека немам никаква врска со Македонија и оти политичките случувања во оваа земја почнав да ги следам сосем случајно. Но, како стручњак за безбедносни прашања и за геополитика, јасно ми е дека Македонија уште од 1990-тите е во големи проблеми кои се, пред сè, последица на корупцијата. Зоран Заев дојде на власт пред две години со голема помош на Европска комисија, и тоа пред сè на Германија и на Италија. Заев е проект на потпретседателката на Европска комисија за надворешна политика Федерика Могерини. Целта на тој проект беше промена на името на Македонија и враќање на услугата на Грција за сите проблеми што Европска унија ѝ ги создаде на таа држава, тврди 42-годишниот универзитетски професор и претседател на словенечката Паневропска унија.

Гајзер вели дека од објавата на снимките е на удар на актуелната македонска власт, која, според него, сака да го прикаже како ригиден десничарски активист, кој ова го прави по налог на унгарскиот премиер Виктор Орбан и на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини.

Тоа е класична замена на тези. Сега за целата афера сум виновен јас, кој откри до каде оди целата афера во Македонија. , а не тие што го создадоа тој коруптивен круг. Орбан и Салвини никогаш не сум ги запознал, не сум го запознал ни Груевски, така што тезите за некаков заговор против Заев, едноставно, не држат. За Заев сега поголем проблем е тоа што остана изолиран, бидејќи повеќе не ѝ е потребен на Европска унија и повеќе нема да го бранат. Македонија многу брзо ќе влезе во НАТО, со или без Заев на чело на Владата. Тој во овој момент е небитен. Од друга страна, патот кон Европска унија е тежок и не гледам начин дека Македонија во идните десет години ќе стане членка. Мислам дека на Заев му е најдобро да замине и да го препушти премиерското место на некој друг од неговата партија. Не мора да се распишуваат нови избори и не мора на власт да дојде ВМРО. На Македонија ѝ треба некој нов, некој кој не е оптоварен со афери и кој има храброст да им се спротивстави на криминалците, а не со нив да соработува, заклучува Словенецот, нагласувајќи дека добил поддршка од 99 проценти од македонските граѓани што реагирале на неговите објави.