Галант: Директен ирански напад ќе бара соодветен одговор

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во разговор со својот американски колега по должност Лојд Остин во четвртокот рече дека Израел директно ќе одговори на секој ирански напад.

„Директен ирански напад ќе бара соодветен израелски одговор против Иран“, му рекол Галант на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, според забелешките објавени од неговата канцеларија.

Пентагон соопшти дека двајцата разговарале за „цврстата“ посветеност на Соединетите држави на безбедноста на Израел против заканите од Иран и неговите сојузнички групации во регионот.

„Повторувајќи ја недвосмислената порака на претседателот (на САД, Џо) Бајден до израелскиот премиер (Бенјамин) Нетанјаху, секретарот Остин го увери секретарот Галант дека Израел може да смета на целосна американска поддршка во одбраната на Израел од иранските напади, на кои Техеран јавно се закани“, соопшти Пентагон.

Се додава дека посетата на Израел на највисокиот американски генерал за Блискиот исток, армискиот генерал Мајкл „Ерик“ Курила, е пролонгирана за да може да се сретне со израелското воено раководство за да разговара за „актуелните безбедносни закани“. Курила во последните месеци редовно патува во Израел.