Половина тон тешките бикови повредија пет лица во првата годишна трка со биковите на фестивалот посветен на свети Фермино во шпанска Памплона.
Никој не е прободен, но неколку ентузијасти паднале или биле соборени на калдрмата на средновековниот северен град во првата од осумте утрински трки со бикови.
Едно лице е пренесено во болница поради повреда на ногата, уште едно има повреда на главата поради падот, а еден тинејџер ја повредил раката, соопшти портпаролот на Црвениот крст.
Шест бикови си го чистеа патот низ морето тркачи традиционално облечени во бела облека и црвени шамии околу вратот. Биковите 850 метри долгата патека, којашто се протега од шталата до градската арена за борби со бикови, ја протрчале за две минути и 35 секунди. Некои од нив ќе бидат убиени во текот на борбите подоцна во четвртокот.
„Биковите се држеа во група, и така пролетаа низ патеката, така што трката брзо заврши. Одамна не сме трчале тука, така што сите беа помалку нервозни, заборавивме како тоа точно треба да изгледа“, изјавил за AFP Гордон Мекдоналд, 46-годишен работник во ИТ секторот од Глазгов кој учествувал во трката.
Многумина од земји ширум светот се собираат во градот со околу 200.000 жители за да ја испробаат својата храброст, и да уживаат во разновидната понуда на фестивалските забави, религиските поворки и концертите.
Властите во 2020 и 2021 година го откажаа овој широко познат настан поради пандемијата на коронавирусот, што беше првпат фестивалот да е откажан по Шпанската граѓанска војна од 1936 и 1939 година.
Од 1910 година 16 лица загинале во трките со бикови во Памплона, а последниот пат таква трагедија се случи во 2009 година.