Во неделата вечерта меѓународната заедница се мобилизираше за итна помош на Индија којашто се соочува со критичен недостиг од медицински кислород за ковид-пациентите и со застрашувачкиот раст на заразите со коронавирусот што премиерот Нарендра Моди го опиша како „коронавирусна бура“.
„Бевме охрабрени откако успешно се справивме со првиот бран на заразата, но оваа бура ја потресе нашата нација“, изјави Моди.
Индискиот премиер на овој начин реагираше на рекордното ниво заразени со коронавирусот, откако здравствените власти пријавија дека во последните 24 часа бројот на новите зарази изнесува над 349.691 што е четврти ден земјата по ред да го урива рекордниот дневен број зарази на светско ниво, како и според бројот на смртните исходи од 2.767.
Болниците во главниот град Њу Делхи буквално одбиваат да ги примаат нови пациенти, како поради пренатрупаноста како и поради веќе подолгиот период на недостигот од кислород. Во петокот, најмалку 25 пациенти со Covid-19 починаа во болница во Делхи поради недостиг од кислород.
Здравствениот систем во Индија крахира поради големиот прилив на ковид-пациентите за кои во болниците недостигаат и болнички кревети, и кислород и неиоходните лекови. Премеирот Моди поради тоа ги апелираше нацијата од 1,3 милијарди жители да се вакцинираат и да ги почитуваат епидемиолошките мерки.
Во неделата САД соопштија дека итно ќе испратат суровини за правење на вакцините во индиските погони, медицинската и заштитната опрема. Франција, Велика Британија и Германија, исто така, ветија брза помош.
„САД деноноќно работат на распоредувањето на расположливите ресурси и здравствените резерви“, соопшти портпаролката на Советот за национална безбедност, Емили Хорни.
Додаде и дека САД ќе испратат сировини кои ѝ се потребни на Индија за производство на вакцината „Covishield“, како и тераписките лекови, комплети за брза дијагностика, респиратори и заштитна опрема за медицинските лица на првата линија на справувањето со вирусот. Вашингтон, исто така, ја испитува можноста на Индија да ѝ овозможат производство на кислород и сродни резерви.
Владата на Велика Британија во неделата соопшти дека повеќе од 600 парчиња опрема ќе ги испрати како итна медицинска помош на Индија.
„Животно важната медицинска опрема, па така и сторици концентратори на кислород и респиратори во моментов се на пат од Велика Британија кон Индија“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон за да се „поткрепат напорите за спречување на трагичната загуба на човечките животи поради овој страшен вирус“.
„По разговорите со индиската влада, првата пратка на опрамата замина во неделата од Велика Британија и во Њу Делхи треба да стана во вторникот рано утрото“, се истакнува во соопштението на владата во Лондон.
Министерот за здравство Мет Хенкок ги повика светските влади „со заеднички сили да ја победат оваа страшна болест“.
До крајот следната седмица ќе следат други пратки, додава британската влада. Ќе има вкупно девет авионски пратки со 495 концетратори на кислород и 140 респоратори.
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, во неделата најави дека во Индија следните денови неговата земја ќе испрати респиратори. ЕУ малку претходно во неделата вети помош за Индија преку својот Европски механизам за цивилна заштита. И германската канцелара Ангела Меркел најави дека нејзината влада подготвува итна помош, без да наведе други поединости.