„Галуп“: 42 отсто од Македонците би се иселиле од државата

Tриесет и шест отсто од населението ширум светот сака да мигрира. Меѓу потенцијалните мигранти се претежно млади луѓе кои се наоѓаат во тешка економска состојба. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од глобалната меѓународна асоцијација „Галуп“ во 57 земји, опфаќајќи околу две третини од светската популација (и околу 90 отсто од земјите кои се слободни да спроведуваат и објавуваат анкети на јавното мислење).

На прашањето, „Кога би ги имале сите потребни документи, дали би сакале да живеете во друга земја или би сакале да останете во земјата во која се наоѓате?“, 36 отсто од анкетираните одговориле со „друга земја“, 59 отсто одговориле дека претпочитаат да останат таму каде што се, а останатите се изјасниле со „не знам“.

Младите испитаници под 34 години имаат значително поголема веројатност да ја напуштат земјата во која живеат. Речиси секој втор млад човек кој учествувал во истражувањето изјавил дека доколку има можност, би сакал да живее во друга земја.

Испитаниците од земјите со пониски приходи имаат значително поголема веројатност да емигрираат. Шеесет и два отсто од испитаниците во земјите со пониски приходи изразиле мотивација да живеат во друга земја. Мотивацијата се намалува ако земјата во која се живее напредува. Кај земјите со високи примања, мотивацијата за имигрирање е околу 32 отсто.

Анализата покажува и дека личниот доход, образованието и вработувањето на испитаниците имаат прилично слабо влијание врз мотивацијата за мигрирање. Но, значајна улога во ставовите на оваа тема има вкупниот приход на државата.

Земјите каде желбата за мигрирање е најголема се Сиера Леоне (84%), Гана (81%) и Нигерија (71%). Жителите на Индија (4%), Виетнам (8%), Јапонија (14%) и други најмалку би сакале да живеат во друга земја.

На прашањето, „Кога би ги имале сите потребни документи, дали би сакале да живеете во друга земја или би сакале да останете во земјата во која се наоѓате?“, 42 отсто од анкетираните Македонци одговориле со „друга земја“, 55 отсто одговориле дека претпочитаат да останат таму каде што се, а останатите се изјасниле со „не знам“.

Што се однесува од земјите во регионот, опфатени во анкетата, 48 отсто од Босанците се изјасниле дека би сакале да живеат во друга земја, од Грција сакаат да си заминат 40 отсто од граѓаните, од Косово 39, од Хрватска 35 и од Бугарија 25 отсто.