Ганиу и Касами во полициска станица поради неинтонирање на химна и непоставување на државно знаме

Градоначалниците на општина Чаир, Висар Ганиу, и на Тетово, Билал Касами, денеска биле поканети на информативен разговор во полиција. Причината е што за време на настаните што ги организираа двете општини по повод именувањето на улицата „Адем Демачи“ во Чаир како и свеченото пуштање во употреба на патот Селце-Вејце тетовско, двајцата организатори не ја интонирале химната на Северна Македонија и не било поставено државното знаме. На Ганиу му се изречени две прекршочни пријави.

„Денеска околу 13:30 часот бев поканет од началникот на ПС Бит пазар за да одам на информативен разговор. Да, ми ги кажаа причините. Одлучиле моментално да имам и две прекршочни пријави. Причината е посетата на премиерот на Косово, Албин Курти во Чаир. Се повикуваат на законот бидејќи не е интонирана химната на Македонија таму и немало знаме. Протоколот не предвидел знаме, немаше знаме на Македонија, но ниту на Косово“, вели Висар Ганиу.

Градоначалникот на Тетово, по поканата за информативен разговор во полиција, напиша дека ваквите обиди за плашење извираат од времето на комунизмот и дека не се плаши од нив. Вели дека ваквите уцени доаѓаат од корумпираните политичари.

„Ваквите обиди за заплашување како во времето на комунизмот, воопшто не ме плашат, дури со главата горе продолжуваме. Уште помалку ме плашат ваквите уцени и обиди за да се спречи обединетата опозиција, кои доаѓаат од корумпираните власти кои ги бројат нивните денови на прсти. Времето на заплашување на Албанците, нивното приведување и нивното носење во злогласните полициски станици, умре, заедно со тоа ќе умре наскоро и овој комунистички и титовски режим“, вели Биљал Касами.

Инаку доаѓањето на Курти во Македонија предизвика лавина реакции. Претседателот и Владата критикуваа за неупотребата на знамето и државната химна, како и за истакнатото знаме во публиката во Тетово со карта на Голема Албанија.

фото: 21ТВ