Новоизбраниот претседател на Собранието, Африм Гаши, во интервју за РСЕ отфрла вина дека прекршил одреден пропис со тоа што свечената заклетва ја даде прво на албански јазик.
„Тоа се работи само од технички аспект, јас ја прочитав заклетвата на двата јазици. Тоа е од технички причини. Сигурно не било намерно. И да било, тоа е работа на Собранието. Без разлика, јас мислам дека не треба да обрнуваме внимание на такви работи, но и демократско право е на секој пратеник и граѓанин да реагира ако мисли дека некое право е прекршено“, рече Гаши.
Гаши зборуваше и за вметнување на Бугарите во Уставот.
„Не знам точно дали сме ставиле некој датум, но сепак тоа е работа која зависи од 80 пратеници. Треба да се најдат 80 пратеници. Што се однесува до коалицијата ВЛЕН, а мислам дека и сите албански пратеници, ќе гласат за уставните измени кога и тие да дојдат на дневен ред. Така да, ние ќе се залагаме за тој принцип, ќе се залагаме за што побрзо интегрирање на нашата земја во Европската Унија, но тоа знаеме дека е комплексно прашање и ќе работиме сите заедно тоа да се случи што е можно побрзо“, додава тој.