Новиот спикер на парламентот Африм Гаши денеска се дообјасни околу изјавата наводно дадена за косовски медиум дека негова татковина е Косово.
-Во однос на прашањето за мојата татковина, свесен сум за обвинувањата и искривувањата од различни медиуми кои се обидуваат да привлечат внимание. Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија, вели Африм Гаши во објавата на неговиот фејсбук-профил.
Тој додаде дека неговата точна изјава во интервјуто била дека „Косово е родно место или татковина на неговите родители и дека тој го почитува како такво заради нив“.
Мандатарот и иден премиер Христијан Мицкоски вчера, по новинарско прашање, истакна дека не ја слушнал изјавата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, но доколку навистина изјавил дека неговата татковина е Косово, треба да се извини на граѓаните.