Африм Гаши е избран за нов партиски челник на Движењето БЕСА на конгресот којшто во неделата се одржа во Тетово.
За него гласале 522 делегати, 12 биле против, а осум биле воздржани, од вкупно 575 делегати.
Гаши изјави дека БЕСА отсега ќе биде партија не само на Албанците, туку на сите народи кои живеат во Македонија и кои ги бараат нивните права коишто им следуваат.
Најави дека како претседател на БЕСА ќе се залага за петте точки од програмата на партијата, а тоа се евроатланската интеграција на земјата, подобар живот за граѓаните, еднаква правда за сите, отворена партија за сите и за редефинирање на земјата.
За Биљал Касами рече дека нивните патишта се веќе разделени и оти без разлика на тоа каква одлука ќе донесе судот, „борбата за барање на правадата ќе продолжи до крај“.
На конгресот беше избран и Совет за опсервација на партијата и Централен совет како највисок орган на партијата меѓу два конгреса.
На денешниот прв конгрес на БЕСА присуствуваа и претседателот на ДПА, Мендух Тачи, Елми Азири од Алијанса на Албанците, претставници на Турската демократска партија и претставници на дипломатскиот кор.
Другиот табор, кој го предводи Биљал Касами, или познат како тетовско крило на БЕСА тврди дека конгресот на партијата ќе се одржи на 24-ти февруари, датум кој според нив е едногласно изгласана од советот на партијата