Гаши: Во март преговори за проширување на парламентарното мнозинство

Во текот на месецов треба да почнат преговори за проширување на парламентарното мнозинство, изјави Африм Гаши, претседателот на БЕСА, избран од ткн „скопско крило“ на движењето, а од владината служба за односи со јавноста информираа дека премиерот Зоран Заев со Гаши на „работниот состанок“ разговарале актуелните реформски процеси со посебен осврт на евроатлантските интеграции, како и за економските текови во Република Македонија.

На вечерашната средбата со премиерот Зоран Заев, било разговарано и за актуелните случувања во земјава, за економските текови и за преговорите што се водат за спорот за името.

„Премиерот Заев го информираше претседателот на движењето Беса, Гаши за текот на преговорите во врска со проблемот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија, потенцирајќи дека процесот се наоѓа во суштинска фаза и дека постојат разлики меѓу преговарачките страни, но дека постои оптимизам за изнаоѓање решение кое ќе ги заштити достоинството и идентитетот на граѓаните на двете држави“, се вели во соопштението.

Во рамки на состанокот било договорено дека разговорите меѓу премиерот Заев и Гаши ќе продолжат во текот на  март заради обезбедување идна можна соработка на парламентарно ниво и на ниво на извршна власт.

Изминатиот викенд премеирот Заев ја прецизираше својата претходна изјава за евентуалната реконструкција и промени коишто ќе се случат во неговиот министерстки кабинет, велјќи дека тоа ќе биде сторено поради зголемување на парламентарното мнозинство.

СДСМ, како што пишуваа медиумите на албански јазик изминатиов период, ја разгледува можноста за да му го одземе Министерството за локална самоуправа на НДП на Весел Мемеди и овој ресор да го понуди во пакет на коалициските партнери кои се очекува да бидат Движењето БЕСА предводена од Африм Гаши и ДПА, кои може да формираат пратеничка група од пет пратеници.

Извори од Владата за агенцијата на албански јазик INA изјавија дека Заев веќе го има ставено на листата за промени овој ресор, кој ќе го искористи за пазарење со новите планирани коалициски партнери. Сепак, истите извори посочуваат дека последниот збор ќе го каже ДУИ, односно Али Ахмети, кој ќе одлучи за тоа дали ќе биде потребно овој ресор да му се одземе на Мемеди или ќе му биде заменето со некоја друга функција.

Весел Мемеди во неговите последни изјави ја исклучи можноста за промена на неговите позиции во владата, бидејќи според него тие се изградени врз база на политичка конзистентност, а не брзи авантури како што беше случај со некои политички партии.