Гасификацијата во Македонија станува реалност. Ќе се гради мрежа долга стотици километри, а за реализација на овој голем капитален енергетски проект Министерството за финансии, за финансирање на градбата на гасоводот од фаза 1 на делницата Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар ќе ги обезбеди неопходните 90 милиони евра, преку кредит кај Дојче банка и Ерсте банка. За таа цел македонското собрание го донесе Законот за задолжување на Република Македонија кај овие две банки по договорот за заем за финансирање кредитот ќе го договори рок на исплата од 7 години и со вклучен грејс период од 3 години, пишува Лидер.
Што предвидува проектот?
Проектот предвидува изградба на инфраструктурни објекти и линиски дел на делниците Штип – Неготино – Битола дел 1 од Штип блок станица 5 до Неготино, линиски дел во должина од 36 километри, кој ќе се надоврзе до делницата Клечовце – Штип блок станица 5 чија изградба која е веќе во тек. Во вториот дел е опфатена трасата од Неготино до Битола во должина од 92 километри, како и вториот дел Скопје – Тетово во должина од 76 километри.
Целокупната изградбата, како што најави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски се очекува да заврши во 2016 година. За него средствата претставуваат неопходно решение со кое ќе се реализира стратешки проект, бидејќи националниот гасификационен систем на Република Македонија предвидува изградба на 5 магистрални правци на територијата на целата држава, кои ќе се реализираат во две фази.
-Реализацијата на овој проект ќе овозможи достапност на природниот гас како конкурентен и еколошки чист енергенс до стопанството, индустријата и домаќинствата, поврзување на повеќе региони во државата со системот за пренос на природниот гас, и стабилност во снабдувањето со енергенси, пред се во индустријата, што доведува до поголем економски развој на сите региони во Македонија. Проектот овозможува повисок степен на остварување на економски и социјални придобивки, како и унапредување и заштита на животната средина со поголема искористеност на природниот гас како еколошки чист енергенс“ изјави Владо Мисјаловски, министер за транспорт и врски.
Според министерот токму изградбата на овие делници ќе овозможат натамошен развој и ширење на целата гасоводна мрежа при што согласно планираното со изградба на преостанатите делници од фаза 1 и фаза 2, до 2022 година гасот како енергенс ќе стане достапен за домаќинствата и индустријата насекаде низ територијата на РМ.
Првата, приоритетна фаза, ќе се реализира во периодот од 2015 до 2019 година, додека втората фаза ќе се реализира во периодот од 2017 до 2022 година. Реализација на првата фаза е во полн ек. На големо се гради гасоводната делница Клечовце – Штип блок станица 5 во должина од 61 км за кои се обезбедени средства во износ од 60 милиони долари преку подмирување на клиничкиот долг со Русија. Се работи за проект кој што е важен за граѓаните и за претпријатијата, па затоа е неопходно што побрзо да се реализира. Природниот гас е чист енергенс кој ќе оди дирекнно до индустријата, а со тоа значително ќе се намали увоз на струја и заштита на животната средина.
Од Македонски енергетски ресурси информираа дека веќе 70 % од трасата на потегот од кумановското село Клечовце до Штип во должина од 61 километар е веќе готова. Според Крсте Миладинов директор на МЕР тоа значи од планираните 61 километар околу 51 километар се готови. Цевките по должината на целата траса веќе се поставени, се оди според планираното и целиот прокет треба да биде готов до јуни 2016 година. До крајот на годинава трасата ќе биде готова, а со реализација на овој проект, според директорот на МЕР, се отвора нова ера во енергетскиот сектор во Македонија кој ќе го подобри квалитетот на живеење на секој граѓанин.
-Тоа значи пониски сметки во домовите, природниот гас како конкурентен енергенс е придобивка на целокупното стопанство, ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија на државата, заштита на околината, а со ова ќе се раздвижи градежната оператива. Ќе овозможи нови вработувања при изградбата на магистралните гасоводи и дистрибутивните мрежи, а потоа и вработувања потребни за нивната експлоатација и одржување-смета Крсте Миладинов.
Новиот гасовод од Клечовце-Кумановско , според проектот, треба да биде приклучок на постојниот гасовод Крива Паланка – Скопје. Оттаму ќе се движи кон Свети Николе, кое ќе биде заобиколено, а предвидено е да има приклучно место за крак кон градот и кон Велес. Понатаму гасоводот ќе поминува во близина на индустриската зона во Штип.