Сметките за гас и струја за домаќинствата во Германија биле значително повисоки во втората половина на 2023 година отколку пред војната во Украина, и покрај падот на цените во однос на првата половина од годината, покажаа во четвртокот податоците на заводот за статистика.
Просечната цена на гасот за домаќинствата во периодот од јули до декември изнесувала 11,41 евроценти за киловат час и е за 6,9 отсто пониска во однос на првата половина од годината, објави Destatis.
Споредено со втората половина на 2021 година, во периодот пред почетокот на војната во Украина, била за 67,1 отсто повисока и покрај ценовната граница на владата.
Струјата за домаќинствата во втората половина од минатата година чинела просечно 41,75 евроценти за киловат час и била за 1,3 отсто поевтина во однос на првите шест месеци од минатата година. Споредено со првата половина од 2021 година, цената пораснала за 27 отсто.
Во цените се вклучени лимитите кои важеа до крајот на минатата година. Владата го ограничи нивниот раст за да ги растoвари граѓаните, потсетува агенцијата dpa.
Цената на гасот за другите потрошувачи, вклучително и компаниите и државната администрација, во втората половина од минатата година, кога се исклучени данокот на додадена вредност и другите давачки, во просек изнесувала 6,73 центи за киловат час и била за 12,5 отсто пониска во однос на првата половина на годината.
Споредено со втората половина од 2021 година, гасот за таа категорија потрошувачи е поскап за 45,4 отсто.
Струјата ги чинела во просек по 20,35 центи за киловат час, без ДДВ и други давачки и била за 1,7 отсто поевтина во однос на периодот од јануари до јуни. Споредено со втората половина од 2021 година, поскапела за 22,2 отсто.