Гасоводот Турски тек ќе проработи во првата седмица од јануари

Гасоводот Турски тек ќе биде пуштен во функција во Истанбул на 8-ми јануари, изјави во саботата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Ердоган во саботата присуствуваше на почетокот на експлоатацијата на гасоводот TANAP, преку кој Турција и Европа ќе се снабдуваат со азербејџански гас, во Едирне, во близина на границата со Грција.

„Секако, имаме уште еден важен чекор, кој ќе го направиме. На 8-ми јануари во Истанбул ќе го пуштиме во употребна гасовододт под назив Турски тек“, рече Ердоган во обраќањето кое ги пренесуваше директно телевизијата NTV.

Проектот Турски тек, кој дојде откако поради противењето на ЕУ Русија го напушти претходниот проект за гасоводот Јужен тек, вклучува гасовод кој се состои од две линии со капацитет секоја по 15,75 милијарди кубни метри гас. Едната линија е наменета за испораки на рускиот природен гас за турските потрошувачи, а другата за снабдување на корисниците во јужна и југоисточна Европа.

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ претходно во вторникот соопшти дека во завршна фаза е пуштањето во употреба на гасоводот, откако двете линии на Турски тек беа наполнети со гас.