Гави ќе остане во Барселона до 2030-та

Младиот шпански играч за врска Пабло Мартин Паез Гавира, попознат како Гави, го продолжи договорот со Барселона до 2030 година, соопшти каталонскиот фудбалски клуб.

„Среќен сум што ќе го продолжам моето фудбалско патување во клубот на мојот живот и се надевам дека ќе донесеме многу радост оваа сезона“, напиша 20-годишниот Гави на социјалните мрежи.

Младиот играч за врска пристигна во Барса во 2015 година од младинскиот систем на Реал Бетис, а дебитираше за првиот тим на Барса во август 2021 година на 17-годишна возраст.

Досега има впишано 131 настап за каталонскиот гигант и постигна девет голови. За шпанската репрезентација забележа 27 настапи и постигна пет гола.

Во ноември 2023 година, тој беше тешко повреден, поради што го пропушти Европското првенство во Германија, каде Шпанија го освои првото место.