![koce-gavrilov-ik-ums-vmro-dpmne-](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/07/koce-gavrilov-ik-ums-vmro-dpmne-.jpg?resize=640%2C396&ssl=1)
На дволичност на Владата предводена од СДСМ ѝ нема крај. Таа продолжува со неодговорното однесување спрема граѓаните на Република Македонија и иако во предизборниот период најавуваа дека ќе бидат реформска, одговорна и домаќинска влада сега гледаме дека од самиот почеток на нивното владеење се луксузираат со народните пари, рече во понеделникот Коче Гаврилов, член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
„Народните пари очигледно имаат намера да ги трошат, освен за вдомување на своите соросови платеници и за набавки на октоподи, морски плодови, цвеќиња и слични непотребни трошоци“, рече Гаврилов.
Тврдењето го потркепи со податокот дека Службата за општи и заеднички работи при Владата објави оглас за набавка свежа риба, замрзната риба, октоподи и морски плодови во вредност од 400.000 денари.
„Повторуваа дека граѓаните немаат пари за леб, а откако дојдоа на власт нивните пари ги трошат за сопствени задоволства и луксузна храна која народот не само што не може да си ја дозволи туку единствено ја гледа само на филмовите“, додаде претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Гаврилов посочи дека наместо штедење, како што најавуваше СДСМ во предизборната кампања, сега нивната Влада продолжува со „расипништво“ и парите на граѓаните ќе ги трошат и на цвеќиња, алудирајќи на огласот на Министерството за надворешни работи кое објави оглас за набавка на цвеќиња во вредност од 305.700 денари.
„Од една страна зборуваа за сиромаштија на граѓаните на Република Македонија, а од друга страна гледаме недомаќинско трошење и луксузирање со октоподи и морски плодови. Најавуваа штедење, а може да видиме само трошење на народните пари за задоволување на сопствените хедонистички пориви“, рече Гаврилов.
Оцени дека повторно се гледа оти „владата на СДС е влада на елитите“ а не на граѓаните, кои пред изборите биле изманипулирани и излажани.
„Функционерите на Зоран Заев од својот луксуз не можат да ги видат секојдневните потреби и проблеми на граѓаните. Наместо тие да им помагаат на граѓаните, тие ги трошат нивните пари на елитизам и луксузи“, заклучи Глигоров.