
Со Појасот Газа во иднина не може да управува радикалното движење Хамас или Израел, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен.
„Газа не може да продолжи да ја води Хамас. Тоа едноставно ќе води кон повторување на 7 октомври. Исто така, јасно е дека Израел не може да ја окупира Газа. Сега, реалноста е дека може да има потреба од одреден преоден период по крајот на конфликтот“, рече Блинкен. Тој посочи дека се водат дискусии за тоа како да се обезбеди и воспостави палестинска државна контрола врз Газа и Западниот Брег.
Највисокиот американски дипломат нагласи дека за време на разговорите сфатил дека Израел „нема намера повторно да ја окупира Газа“. Сепак, тој посочи можност дека ситуацијата нема да се врати во статус кво како пред ескалацијата на тензиите на 7 октомври.
Тензиите повторно се разгореа на Блискиот Исток на 7 октомври кога милитантите на Хамас изведоа ненадеен напад на израелска територија од Појасот Газа, убивајќи жители на израелските погранични населби и зедоа повеќе од 240 заложници, меѓу кои жени, деца и постари лица. Хамас го опиша својот напад како одговор на агресивните дејствија на израелските власти против џамијата Ал Акса во стариот град на Ерусалим. Израел најави целосна блокада на Појасот Газа и изведува воздушни напади врз Газа, како и некои делови од Либан и Сирија.