Раководните структури на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) одлучија досегашниот партиски лидер и поранешен косовски премиер Иса Мустафа повторно да го предложат, како консензуален кандидат, за лидер на партијата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според порталот „Газета Експрес“, одлуката за кандидирање на Мустафа на чело на ЛДК на утрешното изборно собрание на партијата, по бројните шпекулации кои се објавија во медиумите, е донесена по тричасовната седница на патиското претседателство, свикана од досегашниот и, веројатно, иден лидер на ЛДК.
Во медиумите се споменуваа неколку имиња за можни идни лидери на првата косовска партија по падот на комунизмот во поранешна Југославија, формирана од првиот претседател на повоено Косово, Ибрахим Ругова. Меѓу нив беа наследникот на Ругова на чело на Косово и на партијата, Фатмир Сејдиу, градоначалникот на Подујево и екс-министер за образование Агим Велиу, пратеничката Вјоса Османи и други.