Гази Баба објави повик за стипендии за талентирани ученици, спортисти и ученици со посебни потреби

Во објава на својата официјална страна на фејсбук, градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека општина Гази Баба објавила јавен повик за доделување на стипендии на талентирани ученици, ученици спортисти и ученици со посебни образовни потреби.

Во објавата, градоначалникот Стефковски напиша:

ОБЈАВЕН Е ЈАВЕН ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ НА ТАЛЕНТИРАНИ УЧЕНИЦИ, УЧЕНИЦИ СПОРТИСТИ И УЧЕНИЦИ СО ПОСЕБНИ ОБРАЗОВНИ ПОТРЕБИ ЗА УЧЕБНАТА 2023/2024.
Со цел директна финансиска поддршка на талентираните ученици, учениците спортисти и учениците со посебни образовни потреби, општина Гази Баба распиша јавен повик за доделување на 25 стипендии на талентирани ученици, 25 стипении на ученици спортисти и 5 стипендии на ученици со посебни образовни потреби.
Износот на стипендијата изнесува 3.000,00 денари месечно без пресметан персонален данок. Персоналниот данок на стипендијата го пресметува и плаќа општина Гази Баба.
Стипендијата се исплаќа од први до петти во текот на месецот за претходниот месец, девет месеци непрекинато во текот на учебната година, почнувајќи од месец октомври од тековната календарска година заклучно со месец јуни од наредната календарска година.
Оваа година општина Гази Баба го зголеми бројот на талентирани ученици и ученици спортисти, а за прв пат се опфаќаат и учениците со посебни образовни програми.
Реализацијата на овој проект е уште еден доказ дека општина Гази Баба се грижи за сите!
Ги повикувам жителите на општина Гази Баба да аплицираат. – напиша Стефковски.