„Газпром“ со рекордна добивка го префрла тежиштето на гасната инфраструктура кон Кина

Руската гасна компанија „Газпром“ извести за рекордна добивка во првата половина од годинава и најави дека ќе ја прошири мрежата гасоводи и ќе изгради нови складишта за да може во Кина да испорачува повеќе гас.

Периодот од јануари до јуни годинава, благодарејќи на скокот на цените на гасот во Европа кој започна ланската есен, „Газпром“ го заклучил со нето добивка од 2,5 билиони рубљи, или 41,8 милијарди долари, најголема полугодишна откако компанијата е основана.

„Газпром“ престана да ги објавува финансиските извештаи откако Русија на крајот од февруари годинава ја започна, како што ја нарекува „изнудена и превентивна специјална воена операција“ во Украина, но неговите челници повремено во јавноста изнесуваат податоците за деловните резултати.

„И покрај притисокот од санкциите и неповолното надворешно опкружување, групацијата Газпром извести за рекорден приход и нето добивка во првата половина од 2022 година, според IFRS (Меѓународниот сметководствен стандард). Компанијата истовремено го намалила нето долгот“, истакна во соопштение за медиумите заменикот на извршниот директор Фамил Садигов.

Податокот за приходот не е наведе, забележува Reuters.

Извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер, пак, изјави дека годинава се очекува „значително поголема добивка“ отколку во минатата 2021 година, и покрај падот на продажбата во Европа. Европската унија и други европски земји воведоа сеопфатни санкции против Русија поради војната во Украина и настојуваат значително да го намалат увозот или да ги исклучат целосно набавките на руските енергенси.

„Резултатите за првата половина од годината се многу, многу добри“, заклучил Милер во телефонски разговор во средата, пренесува агенцијата Интерфакс, додавајќи дека компанијата има доволно простор да осигури реализација на стратешките инвестициски проекти.

„Газпром“ наскоро ќе почне да ја поврзува својата мрежа гасоводи во Европа со рускиот Далечен исток, а целта е воспоставување спојување со новиот планиран гасовод Моќта на Сибир 2, кој треба да го испорачува гасот од складиштата до источен Сибир во Кина, појасни челникот на рускиот гасен гигант.

Втората рута од гасоводот ќе оди преку Монголија, додава Милер.

„Познато е дека кинескиот пазар е најдинамичен во светот и предвидувањата покажуваат дека Кина ќе сочинува околу 40 отсто од зголемувањето на потрошувачката на гасот во следните 20 години“, рекол челникот на „Газпром“.

Планираното градење на складишен простор во Ковикта во следната година значи и дека Русија наскоро ќе може да испорачува повеќе гас во Кина отколку што во моментов е планирано.