Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска денеска најави дека ќе поднесе оставка, откако Слави Трифонов, претседател на партијата од која доаѓа и таа, Има таков народ, кажа дека се повлекува од владината коалиција. Но, и откако дознала дека премиерот Кирил Петков водел разговори со европски дипломати за тргање на ветото за Северна Македонија.
Генчовска за БТВ изјави дека во текот на денот ќе ја депонира нејзината оставка до Собранието, поради што не знае дали таа ќе присустува на престојната средба со германскиот премиерт Олаф Шолц, кој в сабота доаѓа во посета на Скопје и Софија.
Таа потврди дека постојат записи за средби на Петков со европски дипломати на темата Северна Македонија, секоја средба има стенограми, со различен степен на доверливост, а таа лично не присустувала на сите средби кои Петков ги имал со европски дипломати.
„Не сум присустувала на сите разговори на Петков со дипломати, но во нашите разговори со претставници на ЕУ, институциите нѐ информираа дека има други сигнали“, рече Генчовска одговарајќи на прашањето дали таа ги видела записите од тие средби во кои Петков бара заобиолување на ветото.
На прашањето дали има притисок врз Бугарија за кревање на ветото, Генчовска рече дека притисокот бил поголем во јануари и во февруари.
„Но, ние цело време ја повторувавме нашата позиција. Веќе има разбирање и тоа е сосема нормално бидејќи сме дел од семејството на ЕУ и нормално е нашите партнери да нѐ разбираат и да ни помогнат“, рече Генчовска.