Генчовска во Битола – Палењето на клубот нема да ги наруши односите меѓу Македонија и Бугарија

Палењето на клубот во Битола нема да ги наруши односите меѓу двете земји, рече министерката за надворешни работи Теодора Генчовска при денешната посета на опожарениот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, и изрази надеж дека македонските служби ќе спроведат брза истрага.

„Началникот на Битолската полиција рече дека се преземени сите мерки и во најскоро време ќе има резултати. Се надевам на конечни резултати за да има конечна пресуда за извршителот“, рече таа.

Според Генчовска, ова никогаш не би можело да биде провокација од бугарска страна, но дека името на клубот нема да се менува, туку и понатаму ќе остане „Ванчо Михајлов“.

Пожарот се случи трово пред работната посета на Генчовска на Македонија, на покана на министерот за набдворешни работи Бујар Османи.

Клубот беше отворен на 16 април годинава во присуство на бугарскиот премиер Кирил Петков и други претставници на бугарскиот државен врв. Тоа наиде на жестоки реакции во македонската јавност, со оглед на тоа што Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.