Генералниот секретар на Град Скопје го повика МВР да реагира и да ги ослободи улиците

Градоначалничката Данела Арсовска веќе трет ден нема намера да се појави пред новинарите и пред јавноста, иако Град Скопје е целосно блокиран. На денешната прес-конференција, наместо неа, се појави генералниот секретар Зоран Глигоров кој повика МВР да реагира и да ги ослободи улиците.

– Заради заштита на јавниот интерес, го повикуваме МВР да реагира согласно законските овластувања, да преземе мерки, бидејќи одреден приватен личен интерес им врши штета на Градот, на граѓаните, како и на сите чинители и жители – рече генералниот секретар Глигоров.

Поради зголемените обврски, како што рече, тој ги повика новинарите да постават прашања по електронски пат. Следеше бурна реакција на присутните новинари, кои прашуваа каде е Данела Арсовска сега кога градот е блокиран. Глигоров одби да одговори и си замина од прес-конференцијата.