Генералното собрание на ОН гласаше за „моментално“ повлекување на руските трупи од Украина

Во четвртокот, Генералното собрание на Обединетите нации гласаше со гласовите на 141 земја за резолуција со која се бара „моментално“ повлекување на руските војници од Украина и прекин на непријателствата, со што испрати „силна порака за изолација на Русија на меѓународната сцена“ ден пред првата годишнина од агресијата, толкува AFP, но истовремено ја отфрли иницијативата на Западот за формирање трубунал за наводните руски воени злосторства.

За резолуцијата која повикува на „сеопфатен, праведен и траен мир“ гласаа 141 земја, 32 беа воздржани, а шест ѝ се придружија на Русија во гласањето „против“.

Притоа, Генералното собрание на ОН во четвртокот со големо мнозинство ja донесe резолуцијата еден ден пред првата годишнина од инвазијата што Русија ја започна на 24-ти февруари 2022 година.

Текстот беше изгласан само еден ден по посетата на шефот на кинеската дипломатија на Москва, каде што вети подлабоко партнерство со Русија. Кина се воздржа од гласањето, четврти пат тоа го прави откако Русија ја започна својата агресија против Украина.

Белорусија, Северна Кореја, Сирија, Мали, Еритреја и Никарагва гласаа против резолуцијата.

Покрај Кина, воздржани беа Индија, Алжир, Јужна Африка, Етиопија, Иран, Казахстан, Узбекистан, Виетнам и Пакистан, како и 22 други земји.

Резолуцијата беше изгласана на првиот ден од дводневната сесија, откако претходно на Генералното собрание се обратија десетици високи функционери, меѓу кои американскиот државен секретар Ентони Блинкен, британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.

Резултатот од гласањето за Западот е важен бидејќи ги побива сомнежите дека има замор од војна и дека поддршката за Киев слабее во некои делови од светот, особено оние кои зависат од руските енергетски резерви, коментира AFP.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, покрај другото ги обвини Германија и Западот дека имаат мотиви слични на оние што ги имаа нацистите водени од Адолф Хитлер во Втората светска војна во конфликтот во Украина.

„Германските тенкови повторно ќе ги убиваат Русите“, рече тој алудирајќи на борбени тенкови „Leopard“ од германско производство што неколку европски земји ветија дека ќе ги испратат во Киев.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој во сабота патува во Индија со цел да ја добие поддршката од земјата за Украина иако оваа земја неколкукратно изминатата година го зголеми увозот на енергенси и оружје, во интервјуто рече дека воопшто не е обесхрабрен од знаците дека големите економии во развој се двоумат да ја осудат руската агресија и заклучи дека „само неколку земји се на страната на Русија“.

Последниве месеци многу се разговараше за тоа до каде треба да оди резолуцијата на ОН на годишнината од војната. Киев работеше на резолуции во кои се споменува Трибуналот за воени злосторства, како и текст што ќе го претвори мировниот план од 10 чекори на украинскиот претседател Володимир Зеленски во документ на ОН, според извори од ОН. И двете идеи беа напуштени.