![on generalno sobranie](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/02/on-generalno-sobranie.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Обединетите нации во вторникот повикаа на итен хуманитарен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, откако повеќе од три четвртини од 193-членото Генерално собрание го поддржаа потегот, на кој беше ставено вето од САД во Советот за безбедност минатата седмица.
Вашингтон нема право на вето во Генералното собрание. Соединетите држави гласаа против нацрт-резолуцијата, заедно со Израел и осум други земји. Текстот доби 153 гласа „за“, додека 23 земји беа воздржани од гласање.
Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина.
Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилдм на Генералното собрание пред гласањето изјави дека постојат аспекти од резолуцијата што САД ги поддржуваат, како што е потребата итно да се реши тешката хуманитарна ситуација во Газа, да се заштитат цивилите и да се ослободат заложниците.
„Секој прекин на огнот во овој момент би бил привремен во најдобар случај и опасен во најлош случај – опасен за Израелците, кои би биле изложени на немилосрдни напади, а исто така опасен за Палестинците, кои заслужуваат шанса да изградат подобра иднина за себе, ослободени од Хамас“, сепак реплицираше американската дипломатка.
Пред гласањето во ОН, американскиот претседател Џо Бајден на настанот за собирање средства за неговата кампања за реизбор во 2024 година рече дека Израел ја губи меѓународната поддршка поради „неселективното бомбардирање што се случува“.
„Започнавме да ја губиме таа поддршка“, рече Бајден, алудирајќи на сѐ поголемата загриженост и критиките од меѓународната заедница поради големиот број цивилни жртви во Газа и неселективните гаѓања на цивилни цели од страна на израелската војска.
Изјавата на Бајден дадена на донаторската вечер за неговата кампања за претседателските избори во 2024 година, која содржеше и сугестија дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „мора да ја промени својата влада“, како и дека Израел „не може да ѝ каже не“ на палестинската држав, се толкува како нов сигнал за загриженоста на САД околу израелското разорување на палестинската енклава Појасот Газа каде животите ги загубија повеќе од 18.000 луѓе.