Генералот Суровикин е „на одмор“, негов колега загинал на фронтот

Генералот Сергеј Суровикин, заменик на командантот на руските воени операции во Украина кому му се припишува поставувањето на одбранбената линија на фронтот која украинската војска веќе месец и половина од почетокот на нејзината контраофанзива не успеава да ја пробие, а кој не е виден во јавноста од видеото со кое им се обрати на побунетите борци на приватната воена компанија „Вагнер“ во кое ги повика да се вратат во своите бази, е на одмор, изјави во средата пратеникот на владејачката партија Единствена Русија.

Андреј Картаполов, претседател на Комисијата за одбрана во државната Дума, во една снимка објавена на социјалните мрежи вели „Суровикин во моментов се одмора. Моментално не е на располагање“,

Суровикин, кого медиумите го нарекоа „генерал Армагедон“ поради жестоките ефикасни тактики во судирите во Сирија против бунтовничките и џихадистичките групации, последен пат беше виден во јавноста со видео-повикот до борците на „Вагнер“ од рано утрото на 24-ти јуни кога им порача да се вратат во своите бази. Суровикин, инаку, и претходно ретко се појавуваше во пропагандните материјали на рускот Министерство за одбрана.

Сите шпекулации за неговата судбина потекнуваат главно од западните медиуми, кои пишуваат дека наводно имал добри односи со „Вагнер“ и со неговиот шеф Евгениј Пригожин, кој го фалеше Суровикин и истовремено ги навредуваше и обвинувашпе другите членови на рускиот воен врв, особено министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот, генералот Валериј Герасимов, поради нивниот начин на водење на војната во Украина.

Така, според пишувањето на The New York Times, кој се повикува на неименувани американски разузнавачки извори, Суровикин однапред знаел дека се подготвува бунт и наводно руските служби сега проверуваат дали и тој бил вмешан. Некои западни медиуми кон крајот на јуни објавија дека Суровикин наводно бил уапсен, но досега нема никаква потврда дека тој може да е во притвор. Од Кремљ повеќепати странските новинари кои прашуваат за судбината на генералот ги упатуваат на Министерството за одбрана, но таму велат дека не добиле такви прашања.

Бунтот за кој претседателот Владимир Путин рече дека можел да ја турне Русија во граѓанска војна, се оценува како најголем предизвик со кој шефот на Кремљ се соочи во својата 23-годишна политичка кариера во која е на чело на државата.

Во понеделникот руското Министерство за одбрана објави снимка од генералот Герасимов, исто така, првпат по неуспешниот бунт на „Вагнер“, што јасно укажува дека ја задржал, барем засега, функцијата. Ден потоа, Кремљ потврди дека претседателот Путин на 29-ти јуни, само четири дена по бунтот, се сретнал со Евгениј Пригожин, кој сепак престојува во Русија а не во Белорусија како што требаше според постигнатиот договор за спречување на крвопролевањата, и уште 35 други лица меѓу кои и високи офицери.

Шеесет и седумгодишниот Герасимов е третиот најмоќен човек во руската армија по претседателот Путин и министерот Шојгу. Се смета дека тој е третата личност во рускиот врв кој ја има една од трите „нуклеарни актовки“ со наредби за нуклеарен удар.

Герасимов, тогаш на пониска воена позиција, ја одигра клучната улога за мирното преземање на контролата над црноморскиот полуостров Крим оневозможувајќи ги тамошните украински гарнизони да реагираат на каков и да е начин откако тамошното руско мнозинство по превратот во Киев во март 2014 година реши да се врати во составот на Русија од која е отсечен во 1954 година.

Герасимов, исто така, заедно со Суровикин ја водеа руската воена кампања во Сирија откако сирискиот претседател Башар ал-Асад врз основа на билатералните договори побара воена помош од Москва. Нивното дејствување во 2016 година, според процените на западните воени аналитичари, доведе до пресвртот во војната во полза на силите на владата на ал-Асад.

Путин во јануари годинава го именуваше Герасимов, кој се смета и за експерт за психолошко војување преку воени тактики, за главен командант со воените операции во Украина, а Суровикин кој дотогаш командуваше со воздушните сили за негов прв од тројцата заменици.

Истовремено во вторникот беше објавено дека во украински ракетен напад загинал заменик-командантот на рускиот Јужен воен округ, чие седиште е во Ростов на Дон, генералот Олег Зоков.

„За жал, тој загина, херојски. Тој човек заслужува големо признание, тој имаше неверојатен авторитет во вооружените сили“, изјави за државната телевизија пензионираниот генерал и пратеник во Думата, Андреј Гуруљов.

Руското Министерство за одбрана официјално не потврди досега дека Зоков е убиен. Неколку руски Telegram канали претходно објавија дека Зоков загинал во гранатирањето на украинскиот град Бердјанск.