-Ги охрабрувам и повикувам судиите, кои што биле анкетирани, при што констатирале или пријавиле анонимно дека имале влијанија и притисоци од претседатели на судови и од членови на Судскиот совет, слободно нека пријават, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.
Во однос на анкетата на ОБСЕ и ДКСК за Проценката на ризиците од корупција во правосудството, Георгиев посочи дека тоа била анонимна анкета за периодот на 2022 година.
– Само ќе потенцирам, како порака до колегите судии. Ги охрабрувам дека таквата состојба, е алармантна се согласувам и доколку ја чувствуваат таквата состојба, слободно, тоа се судии кои што знаат како, дали до Советот, или ако немаат целосна доверба во Советот, има институции, Обвинителство, слободно нека пријават, а ние сме тука да се носиме со таквите проблеми, порача Георгиев.
Георгиев посочи дека во овој случај се доведува во прашање самиот интегритет на судиите, во состојба кога тие пријавуваат во анонимни анкети некакви вакви аномалии, а од друга страна да не ги истакнат таквите аномалии.
– Апсолутно ги охрабрувам и поттикнувам, слободно нека пријават. Конкретно со име и со презиме. Значи треба да го кажат тоа, а не вака анонимно. Треба точно да се знае кој со име и презиме, изјави Георгиев.
Прашан за Комисијата која постапува по работењето на предметот „Таргет-Тврдина“, Георгиев рече дека откако тој е претседател на Советот, гарантира дека сите комисии се формирани и се постапува редоследно, но дека не може да гарантира за некои претходно како работел.
– Во секој случај, одговор на прашањето е дека се формирани комисии и дека по комисиите се постапува. Можеби треба да го прашате претседателот на комисијата, колегата Ханиф Зендели до каде е. Во истата Комисија, тоа можам да го кажам, има сега состојба, каде откако е формирана Комисијата нејзин член бара изземање и тоа е за 29 јуни сега, што треба да дискутираме, изјави тој.