Георгиева потврдена како прва челничка на ММФ надвор од западна Европа

Бугарската економистка Кристалина Георгиева во средата е потврдена како нова челничка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), со што стана првата личност надвор од западна Европа која го презема водството на најголемиот светски кредитор.

Георгиева е политичарка од десниот центар која се образувала во текот на комунизмот во Бугарија, но и во Лондон, а својата репутација ја градеше на фукциите извршна директорка на Светската банка која ја врши од 2017 година, а претходно бепе потпретседателка на Европската комисија задолжена за буџетот и човечки ресурси. Позната е како директна личност, промотерја на родовата рамноправност и борбата против климатските промени.

На новата функција ја чекаат низа предизвици, како што е забавувањето на растот на светската економија поради ескалацијата на трговските тензии меѓу двете најголеми светски економии САД и Кина.

„Се запалија лампите за предупредување и мораме да бидеме подготвени за тестирање“, рече 66-годишната Георгиева по именувањето во седиштето на Фондот во Вашингтон.

Освен економските проблеми, Гоергиева ќе мора да се соочи и со тоа што САД, кои имаат најголемо гласачко право во одборот на ММФ, се повлекоа од низа мултилатерални договорои, како и со ризиците во брорастечките економии, како на пример Аргентина која минатата година од Фондот доби рекордна гинансиска помош од 57 милијарди долари. Георгиева истакна дека приоритет ќе ѝ биде помагањето на 189-те држави членки да ги минимизираат ризиците. Истакна дека Фондот ќе излегува во пресрет на сите членки, незавосно од тоа колку се големи.

Кандидатурите за челник на Меѓународниот монетарен фонд се поднесуваа до 6-ти септември, а 24-члениот Извршен одбор на ММФ, кој ја носи конечната одлука, претходно соопшти дека се надева оти изборот ќе биде заокружен до 4-ти октомври. И претходно се сметаше дека изборот на Георгиева на чело на ММФ е речиси сигурен, бидејќи оваа функција традиционално ѝ припаѓа на Европа, а челното место на Светската банка на САД. Ова непишано правило се обидоа да го оспорат другите земји, но поголема тежина во овие инститиции имаат гласовите на богатите земји, бидејќи даваат поголеми придонеси во фондот. Таа имаше голема поддршка и од францускиот претседател Емануел Макрон, а минатиот месец беше поддржана и од другите држави од Европската унија, како и од САД.

Георгиева мина до изборот уште една пречка, а тоа беше возрасната граница. Формално челникот на ММФ, за да биде избран не смее да има повеќе од 65 година, а Георгиева во август наполни 66 години, но САД беа согласни со промената на ова правило, и поради тоа изборот на Георгиева не беше доведен во прашање.

Георгиева е втората жена на чело на ММФ, по Кристин Лагард од која ја презема функцијата откако поранешната француска министерка за финансии поднесе оставка во јули откако челниците на Европската унија ја избраа за наследничка на Италијанецот Марио Драги на местото челник на Европската централна банка (ECB). Досега на чело на ММФ беа пет Французи, по еден Белгиец, Холанѓанец, Германец и Шпанец.