Пораката дека е неопходно доследно и целосно почитување на Договорот од Преспа, уште еднаш ја повтори министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис во денешното интервју за грчкиот весник Realnews и изрази уверување дека „граѓаните на Северна Македонија не би сакале да ги стават во опасност односите со Грција и европската перспектива на земјата“.
За трите меморандуми што сè уште не се ратификувани во грчкиот Парламент, Герапетритис рече дека „ќе ги донесат во соодветниот политички момент“ и повтори дека ратификацијата зависи од „доследното и целосното спроведување на Договорот од Преспа“, бидејќи освен прашањето за уставното име, постојат и други суштински нерешени прашања“.
„Реалноста е дека сакаме да ги донесеме меморандумите за ратификација, бидејќи и ние во принцип се согласуваме со европскиот пат на Северна Македонија. Меѓутоа, ова не може да се случи, доколку не постои целосно и опипливо усогласување со Договорот од Преспа. Да не заборавиме дека имплементацијата на Договорот е јасен предуслов за интегративниот процес на Северна Македонија“, рече шефот на грчката дипломатија.
Во однос на реакцијата на официјална Атина за инаугурацијата на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова, Герапетритис посочи дека беше брза, но според него и „повеќедимензионална и ефикасна“.
Потсети дека освен соопштенијата од грчкиот премиер и Министерството за надворешни работи на Грција, со соопштенија излегоа и претседателот на Европскиот совет, претседателката на Европската комисија и портпаролот на ЕУ, како и претставници од Министерствата за надворешни работи на други земји, „кои беа информирани и мобилизирани по иницијатива на грчкото Министерство за надворешни работи“.
„Реалноста е дека денес политичкото раководство на Северна Македонија веќе е и под внатрешен притисок. Министерството за надворешни работи на земјата излезе со соопштение дека треба да има целосно почитување на договорот од Преспа и уставното име на државата, а Министерството за правда, инаугурацијата ја карактеризираше како неважечка. Моето уверување е дека граѓаните на Северна Македонија не би сакале да ги стават во опасност односите со Грција и европската перспектива на земјата. Се подразбира дека на сите меѓународни форуми ги покренуваме прашањата за почитување на Договорот од Преспа и бараме негово доследно спроведување“, истакна шефот на грчката дипломатија во интервјуто за весникот.