Герасимовски ќе иницира итно расчистување на земјиштето кај Треска, полно со штетни материјали

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по завчерашниот пожар во поранешната фабрика „Треска“, кој се повтори и вчера во утринските часови, за медиумите изјави дека негова препорака е што побрзо да почне отстранувањето на сите објекти во индустрискиот капацитет.

„Моја информација е дека во „Треска“ има 35 000 до 40 000 метри квадаратни азбестен кров. Во вчерашниот пожар беше зафатен и кровот, а и денеска сѐ уште паѓаат азбестните плочи. Искрено, јас после долго време, вчера првпат влегов и тоа што го видов можеме да го споредиме со Чернобил. Значи многу шут, азбестни кровови, жителите споделуваа дека таму има и животни и глувци големи како мачки, затоа моја препорака е дека земјиштето побрзо треба да се расчисти“, изјави Герасимовски за медиумите.

Герасимовски извести дека веќе разговарал со вработените во општината за да се испита какви материјали има на земјиштето и за тоа колку се тие штетни за граѓаните.

Во Општина Центар до овој момент има пристигнато 28 барања за отстранување на објекти, но за начинот при нивно отстранување, градоначалникот ќе побара и институционална помош.

„Самите сопственици ќе треба да ги отстранат објектите, но ќе направиме увид какви материјали има и колку се штетни, по што ќе дадеме насоки на кој начин тоа треба да се направи. Ние нема да дозволиме да има недозволено вадење на штетните материјали од „Треска“, изјави Герасимовски.

Во однос на шпекулациите за наводното подметнување на пожарот, градоначалникот на Општина Центар изјави дека не сака предвреме да коментира. Неговите сознанија се дека до моментов сѐ уште не е направен увид поради небезбедноста на теренот. Но. според информации од жителите

во локалитетот, секојдневно се краде железо и бакар од каблите, кои потоа се палат.

„Дали ова е вистина ќе покаже истрагата“, изјави Герасимовски.

По однос на актуелните теми за новите градби во „Треска“, Герасимовски порача дека како општина не можат да ги сопрат, но тие мора да бидат во согласност со јавниот интерес на граѓаните.

„Ние никогаш не рековме дека нема да се гради, туку мора да се најде подобар начин како да изгледа просторот. Имаме важечки ДУП по кој мора да се постапува, идејното решение не е идеално, но ние мора постапуваме по моменталниот ДУП и сето тоа не зависи од мене, туку од законите, регулативите кои мораме да ги почитуваме“, изјави Герасимовски.