Реконструкција на 14 улици, изградба на три нови детски игралишта и обнова на останатите, почеток на градба на нова градинка во населбата Пролет и проширување на капацитетите на ОУ „Коле Неделковски“, најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во вечерашното гостување на Топ Тема на Телма Телевизија. Тој во емисијата рече дека иако е во тек на првата година на мандатот планира доста капитални инвестиции за кои се обврзал пред граѓаните.
„Имаме поднесено барање за отстранување на комуналии од Град Скопје за реконструкција односно правење на нови училници и проширување на капацитетите на ОУ „Коле Неделковски“ којашто ќе почне наскоро и планирано е нова градинка во населбата Пролет. Дополнително, планираме како општина и три детски игралишта и реконструкција на останатите. Ќе бараме и средства и помош и од Владата, одредени средства за овие улици и капитални проекти се од Светската банка, околу 818 милиони денари, имаме средства од ЕБОР, Европска Комисија за земји во развој. Значи, бараме средства и начин и наоѓаме средства, не само од сопствениот, буџет за истите да ги реализираме. Имавме доста ветувања кон граѓаните и тоа што го ветуваме почнуваме да го остваруваме“, изјави Герасимовски.
Герасимовски исто така рече дека населбите Крњево и Маџир Маало кои се во централното градско подрачје ќе се урбанизираат и нивните ДУП-ови се при крај. Во делот на Треска, каде што е ДУП-от на Буњаковец 1 и 2, Герасимовски рече дека ќе се отпочне со нов ДУП, по одлука на Комисијата за урбанизам, поради тоа што сегашниот е од 2012 година. Герасимовски рече дека истиот е почнат да се ревидира за да се усогласи со ДУП-от но е закочен со месеци односно години. Герасимовски и вечерва истакна дека во Општина Центар ќе има хуман урбанизам, дека тој како градоначалник целосно ќе се бори за што повеќе јавно добро зеленило, градинки, училишта итн.