Наместо да рушиме дивоградби, да ги ставиме во служба на граѓаните. Иницијатива за ваква измена во законот градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска ја доставува до ЗЕЛС. Герасимовски се залага да се направат законски измени, со кои ќе им се овозможи на општините да инцираат постапки за конфискација на нелегални објекти и истите наместо да се рушат да се искористат за потребите на граѓаните од општините каде се конфискува дивоградбата.
„Наместо да трошиме пари од буџетот за рушење, предлог законските измени кои ги иницирам овозможуваат општините да иницираат постапка за конфискација на нелегално изградените објекти пред надлежните органи. По конфискација, општината ќе може да ги употреби објектите за потребите на граѓаните. Оваа измена би била огромен чекор напред во однос на превенција од идни дивоградби“ објави градоначалникот на социјалните медиуми.
Герасимовски истакнува дека во Општина Центар има неколку големи дивоградби, чие рушење би чинело стотици илјади евра.
„Време е да се направат крупни промени за заштита од урбанистичко насилство“ пишува Герасимовски на својот профил на Фејсбук.