Герасимовски: Одлуката на Костадинов за напуштање на ЗЕЛС е избрзана

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во новото издание на „Стадион“ на Канал 77 говореше за актуелните теми кои деновиве постојано ја брануваат јавноста, а во една прилика се обрати и за работата и начинот функционирање на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

Како што истакна тој, иако е свесен за можните притисоци и политички влијанија, сепак, потенцираше дека одлуката на градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, за напуштање на ЗЕЛС е избрзана.

„Верувам дека работата на градоначалникот е отежната, можеби има и политички влијанија и притисоци, но одлуката за напуштање на ЗЕЛС е избрзана. Проблемот со питката вода за пиење во Струмица е евидентен и сигурен сум за притисокот кој се чувствува од граѓаните, но сметам дека пред да се донесе конечна одлука претходно е неопходна координација, состанок и решавање на проблемите на маса“, рече Герасимовски.