ГЕРБ бара наместо денот на Санстефанскиот договор, национален празник да биде денот на Светите Кирил и Методиј

Пратениците во бугарскиот парламент сепак не одлучија дали 24 мај ќе го замени 3 март како национален празник на земјата
Предлогот на ГЕРБ 24 мај да биде национален празник наместо 3 март ги скара пратениците во Народното собрание во Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на пленарната седница, пратениците на ГЕРБ-СДС предложија националниот празник на Бугарија повеќе да не биде 3 март, туку 24 мај – денот на Светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и на словенската литература. На 3 март се празнува потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор меѓу Русија и Отоманската империја.

Причината за расправата е тоа што бугарското општество е поделено за 3 март бидејќи на тој ден Бугарија изразува благодарност до Русија за ослободување од османлискиот јарем. ГЕРБ-СДС сметаат дека тој ден треба да остане празник, но и национален.

Аргументите на пратениците од ГЕРБ-СДС се дека 24 мај обединува, а не раздвојува како 3 март.

Демократска Бугарија смета ГЕРБ-СДС го злоупотребиле проблемот на начинот на кој го доставиле предлогот во овој момент. Пратениците од оваа партија велат дека за националниот празник на Бугарија требало да се пристапи систематски со создавање собраниска комисија.

Националистичката партија „Вазраждане“, пак, смета дека 3 март не смее да се чепка, бидејќи пратениците велат оти без 3 март нема да има ниту 24 мај.

Пратениците во бугарскиот парламент сепак не одлучија дали 24 мај ќе го замени 3 март како национален празник на земјата.