Германците ја намалуваат потрошувачката за зимскиот одмор

Помалку Германци следните месеци би можеле да заминат во скијачките центри и другите популарни дестинации за зимски одмор, бидејќи сакаат да заштедат пари имајќи го предвид силниот раст на трошоците за животот, покажува истражувањето на YouGov.

Речиси половина од граѓаните на Германија коишто во текот на зимата вообичаено одат на одмор, годинава поради поскапувањата ќе го прескокнат патувањето или ќе пронајдат поевтина опција, покажува споменатото истражување.

Околу 23 отсто од испитаниците одговориле дека ќе ги „скратат“ плановите за зимскиот одмор, а 26 отсто од нив ќе се откажат од патувањата.

Само четвртина од испитаниците рекле дека нема да ги менуваат плановите, покажува истражувањето кое го нарачало произведувачот на спортска опрема „Schöffel“ од една од најбогатите германски сојузни покраини Баварија.

Трошоците имаат намера да ги намалат со пократок одмор, со намалени скијачки активности, патувања на поблиските одредишта, поретки заминувања во рестораните и вечерни излегувања.

Во истражувањето спроведено од 19-ти до 21-ви септември учествувале 2.041 испитаник.

Се очекува дека високата инфлација ќе ја турне германската економија во рецесија во наредните тримесечја. Во септември потрошувачките цени во Германија пораснаа за 10 отсто.