Популарноста на десничарската евроскептична и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) и натаму расте, а истовремено Германците миграцијата и натаму ја сметаат за сѐ поголем проблем за земјата, покажува најновото испитување на јавното мнение на јавниот сервис ARD објавено во петокот.
На прашањето за која партија би гласале доколку следната недела би се одржале изборите за Бундестагот, 22 отсто од испитаниците се определиле за AfD, што е пораст за еден процент од последната анкета минатата седмица и двојно повеќе отколку на последните избори за сојузниот парламент есента 2021 година, според редовното истражување на расположението на германските граѓани кое го нарачало ARD.
И натаму најголема поддршка, од 29 отсто, добила актуелната опозициска демохристијанска Унија на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјална унија (CSU).
Популарноста на трите партии од владејачката коалиција и натаму е во пад. Социјалдемократската партија на Германија (SPD) би ја гласале 16 отсто од испитаниците, Зелените (Bündnis 90/Die Grünen) 14, а либерлано-демократската Слободни демократи на Германија (FDP) 6 отсто. Тоа за сите три партии заедно претставува пад на популарноста од еден отсто во споредба со претходната последна анката на ARD.
Со работата на сојузната влада, која се наоѓа на средината од изборниот период, задоволни се само 19 отсто од испитаниците, а само 25 отсто сметаат дека канцеларот Олаф Шолц добро си ја извршува должноста.
Како најголеми проблеми на Германија испитаниците на првото место ја наведуваат слабата состојба на економијат, а на второто неконтролираната миграција. Двете теми, како што констатира ARD, последните месеци особено добиле на тежина.
Во моментов речиси две третини од испитаниците сметаат дека економската ситуација во земјата е лоша или дека се влошува. Тоа е 21 отсто повеќе отколку на почетокот од април.
Од тој период и 7 отсто од испитаниците повеќе сметаат дека најголемиот проблем на Германија е нерегулираното доселување, односно приливот на бегалци, што е воедно и една од главните политички теми на AfD која токму на ова прашање ги собираше политичките поени.
Една година пред одржувањето на изборите за парламентот во сојузната покраина Саксонија, AfD со 35 отсто стана најсилната политичка партија во регионот, според анектите за оваа покраина.