Германија планира да депортира криминалци од земји како Авганистан и Сирија во нивните земји на потекло и е во преговори со неколку земји за да се овозможи спроведување на планот, изјави во средата германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер од владејачката Социјалдемократската партија на Германија (SPD).
„Веќе водиме разговори зад затворени врати со различни земји за тоа како да се олесни повторната депортација во Авганистан“, изјави Фезер за дневниот весник Neue Osnabruecker Zeitung.
Таа рече пред состанокот на министрите за внатрешни работи на сојузните покраини, кој започнува во среда попладне, дека треба да најдат начини на кои федералната полиција може да помогне во протерувањето на „опасни исламисти и криминалци“ во Авганистан.
Преговори со Узбекистан
Според германските медиуми, Министерството за внатрешни работи во моментов разговара со соседните земји на Авганистан и Сирија, а пред сѐ се споменува Узбекистан.
Министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Бранденбург, Михаел Штубген, од Христијанско-демократската унија (CDU) рече дека контактите со талибанскиот режим во Авганистан треба да се искористат за да се овозможи протерување на криминалците.
„Германија сè уште испраќа над 400 милиони евра развојна помош за Авганистан годишно. Мислам дека треба да ги искористиме овие контакти“, тврди Штубген.
Посочи дека е подобрена и безбедносната ситуација во Сирија, така што треба да се разгледа можноста за депортирање на криминалци во таа земја.
Злоупотреба на гостопримството
Министерката за внатрешни работи на сојузнаа покраина Саксонија-Анхалт, Тамара Зишанг, ја критикуваше федералната влада во Берлин дека не прави доволно за директно да преговара со земјите кои се важни за протерување на луѓето на кои им е одбиен политички азил, наведувајќи ги Египет, Брегот на Слоновата Коска и Гамбија.
За повторени депортации во Авганистан и Сирија е и баварскиот министер за внатрешни работи, Јоаким Херман, според кој треба веднаш да бидат протерани оние што „го злоупотребуваат германското гостопримство“ во нивните земји на потекло.
Обновената дебата за депортација во Авганистан, која беше прекината откако талибаните дојдоа на власт, се разгоре откако Авганистанец со исламистичко заднина нападна политички митинг во Манхајм и уби полицаец со нож кон крајот на мај. Пред неколку дена брачна двојка од Авганистан беше осомничена дека ја убила својата 15-годишна ќерка бидејќи, според германските медиуми, „се однесувала премногу западно“.
Здруженијата за заштита на човековите права најавија протести за попладне во Потсдам, каде се одржува конференција на министрите за внатрешни работи на сојузните покраина, обвинувајќи ја политиката за спроведување „расистичка“ бегалска политика.