Повлечените и речиси заборавени во тајно складиште во источна Швајцарија, 96 тенкови „Leopard 2“ на швајцарската армија се во центарот на политичката дебата, откако истражувањето на швајцарскиот весник Blick дошло до сознанија дека Берлин бара Берн да му ги продаде назад борбените тенкови на германскиот производител „Rheinmetall“, но ветува дека нема да ѝ ги испорача на Украина.
Повикувајќи се на швајцарското Федерално министерство за одбрана, заштитеа на населението и спорт (DDPS), во писмо од 23-ти февруари, германскиот министер за одбрана Борис Писториус и министерот за економија Роберт Хабек ја информирале швајцарската федерална министерка Виола Амхерд за овој план, посочувајќи дека тенковите треба да ги заменат оние коишто западните земји во моментов имаат план да ѝ ги испорачаат на Украина, но ветувајќи дека овие возила од конкретната зделка нема да бидат испратени на украинското боиште.
Весникот прецизира дека таквата продажба е невозможна без согласност на швајцарскиот парламент. Притоа не се наведува за колкава бројка тенкови точно станува збор во предлогот.
„Од воена гледна точка, во принцип би било возможно да се ослободиме од ограничен број борбени тенкови, без одраз врз сопствени потреби на Швајцарија“, го цитира Blick портпаролот на DDPS, Лоренцо Фришнехт.
„Leopard 2“ е главниот борбен тенка на германската армија, опремен со систем за радијациска, хемиска и биолошка заштита и автоматски систем за гаснење пожар. Вооружен е со топ од 120 мм од моделот „Rheinmetall RH-M-120“ и може да носи до 42 гранати за главното оружје. Дополнителното вооружување вклучува два митралеза, од кои е едниот е во двојка со топот а вториот е противвоздушен и е поставен на куполата на тенкот.
Службата за односи со јавноста на швајцарското Министерство за одбрана претходно соопшти дека земјата поседува залиха од 96 тенкови „Leopard 2“, но и дека ниедна земја не се обратила со понуда за купување.
Од своја страна, пак, комисијата на швајцарскиот Сенат оваа залиха ја смета за „стратешки резерви“, кои мора да се зачува за целосно комплетирање на тенковските баталјони, како и за резервни делови за борбените возила од овој модел кои веќе се во служба.
Претходно Швајцарија повикувајќи се на принципот на својата воена неутралност, иако се приклучи на западните санкции против Русија поради нејзината инвазија во Украина ги отфрли барањата на Германија, Шпанија и Денска и за реекспорт на Киев на муниција произведена во капацитетите на швајцарската наменска индустрија. Како што појасни официјален Берн, швајцарската страна според договорите и прописите има право да одбие барање за реекспорт доколку земјата крајна дестинација на залихите е вклучена во меѓународен вооружен конфликт.